Знам дека ќе бидам пристрасен во оваа епизода, но воопшто не ми е гајле, бидејќи 911 GT3 (991.2) е мојот омилен автомобил. Се прашувате зошто баш овој автомобил? Прво, бидејќи е Porsche. Второ, преубав е. Трето, доволно е брз за да уживате и да бидете многу брзи во било кој град или тркачка патека во светот. Четврто, во работните денови е сосема цивилизиран, и со него можете да одите на работа, да го носите детето во школо, шопинг, пазар и тн, а во викендите е вистинско тркачко оружје. Петто, а можеби и најбитно, е дека не треба да сте гимнастичар за да влезете или излезете од автомобилот. Доволно ли е? Не?! Има 4.0 литарски атмосферски мотор кој врти неверојатни 9000 вртежи во минута и мануелен менувач!
Изминативе неколку месеци, поршефилите ширум светот беа вознемирени поради одлуката на Porsche да ја “освежи” линијата на 911-ки со турбо мотори. Но турбо и GT3 е невозможна комбинација. Тоа би значело крај за високо туражниот атмосферец кој беше заштитен знак на моделите со ознака GT3. Но, генијалните ликови од Porsche, направија нешто фантастично. Наместо 3.8 литарскиот атмосферец од 911 GT3 (991), вградија 4.0 литарски со шест цилиндри во линија, кој испорачува 500 коњски сили и 460 Nm, наместо 475 и 440 Nm (991). Но, на крајот на краиштата, бројките се ирелевантни во случаи каде автомобилот е досаден за возачот. Во овој случај, насмевката на вашето лице ќе кажува се. Има ли подобро искуство од легален тркачки 911, 500 коњски сили и прешалтување на брзините? Има, ако сте екологист кој вози Toyota Prius.
Дозволете ми да напишам збор-два за “сличностите” помеѓу 911 R и 911 GT3 (991.2), и тврдењата на некои поединци на интернет, дека тоа се всушност два исти автомобили со или без задно крило. Тоа е исто како да споредувате Американец и Британец.
Вистина е дека моторот е ист, но за потребите на 911 GT3, базниот тјунинг е позајмен од тркачкиот 911 RSR. И мануелниот менувач е позајмен од 911 R. Но, има и 911 GT3 со PDK (Porsche Doppelkupplung) автоматски менувач. 911 R е фин колекционерски автомобил, крузер, додека 911 GT3 е вистинско тркачко оружје, со огромно задно крило кое произведува даунфорс за кој 911 R може само да сонува. За волја на вистината, GT3 е развиен рамо до рамо со светски познатиот тркач 911 GT3 Cup. Едноставно, карактерот на овие два автомобили е сосема различен.
Вистинските љубители на GT3 автомобилите сега ќе можат да бираат помеѓу автомобил со помала маса и мануелен менувач, и автоматски кој е на некој начин побрз на права линија. Од место до стотка, автомобилот со PDK менувач забрзува за 3,2 секунди, додека тој со три педали за “само” 3,8 секунди, но тежи 1410 килограми, односно 20 килограми помалку од автомобилот со PDK менувач. Максималната брзина е 320 километри на час. За врвни перформанси на тркачките патеки, покрај огромното задно крило кое е заштитен знак на GT3, за првпат се вградува и системот за ротација на задната оска (кога задните тркала вртат како и предните, и обратно, во зависност од брзината со која се движи автомобилот). Подобрен и е протокот на воздухот под автомобилот, благодарение на новиот преден сплитер и заден дифузер кои се направени од благородни лесни материјали. Целокупната аеродинамика на автомобилот е за 20 проценти подобра во однос на генрацијата 991. Андреас Пренингер, човекот кој стои за GT3/GT2 програмите на Porsche, изјави дека Cup пневматиците на GT3 се идеални за тркачките патеки, но, и дека ќе се однесуваат сосема коректно на влажно и прилично ладно време. Внатрешноста е типична за еден GT3 автомобил со многу тркачки детали, но воланот кој е позајмен од 918 Spyder е како јагода на шлаг. И сево ова за “само” 134 илјади евра! Знам дека се многу пари, но станува збор за супер автомобил. Нурбургринг? Од Porsche тврдат дека ќе оди под 7 минути и 20 секунди. За мене, не е ни воопшто битно. Кога би имал на располагање 134 илјадарки за автомобил… Porsche 911 GT3 во црвена боја.