За сите оние кои сонуваа да ја видат NSX во нова, современа верзија… разбудете се, тука е. Нова, современа, поубава, технолошки понапредна. Но, дали ќе ја оправда улогата која ја имаше NSX од деведесеттите, култен автомобил кој ги прати Ferrari назад во училишните клупи да научат што е вистински супер автомобил. Велат новата Honda NSX е најбавниот супер автомобил? Добро, и? И стариот NSX беше најбавен, со само 280 коњски сили. Но дали е се во моќта и во брзината? Секако дека не.
Пред 26 години, на саемот за автомобили во Чикаго, Honda го претстави својот прв супер автомобил NSX. Спортско купе со две седишта, со средишно поставен мотор и неверојатна аеродинамика инспирирана од кокпитот на F-16 и други летала и тркачки автомобили. Автомобил дизајниран од тим на инженери во соработка со F1 шампионот Аиртон Сена, кој во тој временски период возел за тимот на Honda. Прв сериски автомобил во светот со целосно алуминиумска шасија. Моторот, исто така изработен од алуминиум, е 3.0 литарски, V6, со атмосферско напојување, кој произведувал 276 коњски сили, и подоцна 3.2 литарски кој имал околу 300 коњски сили. Гледано од страна, овие бројки се под просечни за еден супер автомобил. Што е тоа што го прави NSX исклучителен супер автомобил? Дами и господа, кога имате неверојатна аеродинамика, маса на возилото од само 1270 килограми и Аиртон Сена напомош за подесување на суспензијата и управливоста, резултатот е и повеќе од јасен. Тогаш Honda, со NSX им одржа лекција на Ferrari и Porsche, по предметот супер автомобили. Но, дали и сега, по повеќе од 26 години, втората генерација на NSX ќе ја има истата слава? Тешко прашање, но да оставиме времето да покаже. Филозофијата без сомнение е истата, но втората генерација на NSX е тотално различен автомобил. Наместо во Јапонија, направен е во Америка, го носи чудното име Acura, има 3.5 литарски турбо мотор, погон на сите четири тркала, и е хибрид, односно има три електро мотори, два на предната и еден на задната оска. Зборуваме за спортски модел на Prius или за легендарната Honda NSX? Дами и господа, не очајувајте, времињата се други. Технологиите се други. Кога Ferrari, Mclaren, Porsche и други останати расни спортисти, можеа повеќе сила да бараат во хибридните решенија, тогаш зошто не и Honda. Да одиме полека. Како што реков, новата Honda NSX е придвижувана од 3.5 литарски, V6 турбо мотор, три додатни електро мотори, два напред и еден позади, кои вкупно произведуваат сила од 573 коњски сили, кои преку девет степениот автоматски менувач со дупла спојка се пренесуваат на сите четири тркала. Од место до стотка оди за импресивни 2,9 секунди, а популарната 1/4 милја ја проаѓа за 11 секунди. Максималната брзина е 307 километри на час. Масата, спротивно од филозофијата за стариот NSX, изнесува “камионски” 1725 килограми. Возните својства на овој “паметен” супер автомобил, со паметните кочници и сите тие чудни софтверски решенија, на прва делуваат гиковски, но 573 коњски сили се 573 коњски сили, и колку и да сакате да ги припитомите, нема да успеете во целост. Но, кога ќе размислам, сите тие гик елементи ја прават Honda NSX, побрза, постабилна и полесна за управување.
Дизајнот, односно однадвор, новата Honda NSX ми наликува на спој на линии од Mclaren 570, Audi R8 и Ford GT. Внатрешноста која изгледа како да е на Civic Type R, баш и не прилега како за еден супер автомобил, но тоа е Honda. Насекаде многу пластика, па дури и педалите за менување на брзините на воланот се пластични и делуваат евтино. За да го поседувате овој буџет супер автомобил треба да издвоите околу 150.000 евра, цена што е доста повисока во однос на конкуренцијата. Дали Honda NSX е подобра од конкуренцијата? Тешко прашање, ако се земе впредвид дека конкурентите се Nissan GT-R, Mclaren 570 S, Jaguar F-Type R и мојот омилен Mercedes AMG GT R. Ќе оставиме времето да покаже. Тестовите и драг трките што следуваат, во кои овие автомобили ќе ги имаат главните улоги ќе почнат полека да ни ја оформуваат сликата околу тоа кој е најдобар буџет супер автомобил. И секако, сите со нетрпение ќе ја очекуваме Honda NSX со ознаки Type R, која според некои мои прогнози ќе биде помоќна, со сериозен аеро пакет и погон на задните тркала.
Дотогаш ако сте љубител на приказната за Honda NSX, вие сте за овој автомобил. Ако немате пари за Porsche 918 Spyder, а сте љубител на хибриди, вие исто така сте за овој автомобил, бидејќи новата Honda NSX не е скапа Honda, туку е буџет варијанта на Porsche 918 Spyder.