Ferrari F40
Според многумина, а и според мене, овој автомобил е еден од најдобрите Ferrari во поновата историја, се разбира по LaFerrari и Enzo. Ferrari за мажи. Вреди да се напомене дека овој модел е турбо Ferrari, и последниот направен под палката на Енцо, што значи дека е посебен во секоја смисла на зборот. Овој автомобил е направен по желба на Енцо, како директен одговор на тогаш најголемиот конкурент на Ferrari во натпреварувањата, а и на сите бојни полиња, Porsche 959. Направен е 1986 година. Вкупно биле произведени 1311 примероци. Безвременскиот ремек дело дизајн е дело на Леонардо Фиораванти од студиото Пиринфарина. Вреди да се напомене дека F40, наследникот на 288 GTO, своевремено бил најмоќниот, најбрзиот и најскапиот Ferrari автомобил. Цената му била околу 400.000 долари во 87′, што во денешни пари е 830.000 долари, но поради ексклузивноста на F40, цената му достигнувала и до 1.6 милиони долари.
Поради непријатните коментари од клиентите, дека автомобилите Ferrari стануваат многу меки, тромави и многу комфорни, тие го прават F40 кој е многу брз, спартански и без ниеден елемент кој гарантира комфорт. Од секаков аспект, се е во знакот на перформансите. Моторот е 2.9 литарски, твин турбо F120A, со осум цилиндри кој произведувал 471 коњски сили и врвни перформанси. Од нула до стотка ова Ferrari одело за 4,6 секунди а максималната брзина му е 317 километри на час. Популарните 402 метри од место ги проаѓа за 12,1 секунда и достигнува брзина од 205 километри на час. Менувачот е петто степен мануелен што од денешен аспект е неверојатно возбудливо. Шасијата е направена од кевлар, карбон фибер и алуминиум така што масата на F40 е само 1369 килограми што за 1986 е извонредно. Суспензијата е прилагодувачка, односно имате опција да го прилагодите автомобилот на две висини, претпоставувам за на тркачка патека и за нормални услови. Многу е слична како таа кај GTO, независна е, со дупла виљушка, но сетирањето и некои делови се различни. Аеродинамиката е уникатно чудна, но ја врши работата сосема добро со коефициент 0,34. Впрочем ако ги споредиме моќноста и аеродинамиката, аеродинамиката е повеќе заслужна за однесувањето на овој автомобил. Самото тело, шасијата, на овој автомобил се направени како еден вид отворен тркачки автомобил, за да автомобилот има такви перформанси, односно да оди брзо и агилно. Внатрешноста е приказна сама за себе. Добро, каков таков клима уред има, но радио, кваки за вратите, патосници нема. Дури првите педесет произведени автомобили биле со Lexan прозорци. Со други зборови, F40 бил име, машина, волан и тркала. Но можеби затоа е и сметано за едно од најдобрите Ferrari автомобили на сите времиња. Тркачката кариера и не му е нешто посебно интересна. Никогаш во официјална трка го нема победено својот директен противник 959, но ова го кажувам само како информација, затоа што во оваа колумна е важен секојдневниот возачки аспект. Сума сумарум, F40 е икона во автомобилскиот свет. Како што постерите со Синди Крафорд во тој временски период беа многу присутни на ѕидовите по домовите, така беше и со постерите од F40 во секоја гаража, дом на авто ентузијаст, па некогаш и на ист ѕид со Синди. Возењето на F40 е како концерт на рок бенд во преполна сала, и се разбира, Вие сте изведувачот. Со други зборови браво за Ferrari.
Porsche 959
Кога зборуваме за автомобили, зборовите кои ќе ги употребиме за да опишеме, доловиме некој суперлатив треба да се секогаш одмерени, но за овој автомобил ќе кажам перфекција. Porsche 959 е се што не е F40. Технолошко чудо на доцните осумдесети. Во време на карбуратори и железни супер автомобили, 959 ја претставува новата генерација на супер автомобили, во стилот на Space X ракетата која неодамна полета и слета на истото место вертикално. Автомобил кој од денешна гледна точка, долги години представувал база на идеи и технологии за идните генерации. Porsche тоа секогаш го прави на свој уникатен, брилијантен и перфектен начин. Еве на пример, ако сега направиме споредба помеѓу 918 Spyder и 959, идеалите и визијата се исти, уникатност, доминантност, спој на луксуз и перформанси, пример за идните генерации автомобили. Како што 918 денес царува на Нурбургринг, така и пред триесет години 959 бил владетел не само на една, туку на дузина тркачки ивенти, од рели група Б , Ле Ман до Париз- Дакар, но и на џет сетерски собири од типот на оние во Волкот од Вол Стрит. Визијата е иста, но технологиите се различни. Во 959, за првпат беше вграден погон на сите четири тркала во супер автомобил, технологија која се употребува успешно до ден денешен во турбо моделите на 911 (од 996). 918 пак влезе во светот на хипер автомобилите со хибриден погон, односно со додатни електро мотори кои ќе даваат повеќе моќ, но и погон на сите четири тркала и преубава внатрешност (нешто што за P1 и LaFerrari може да сонуваат).
Моќта и брзината, наспроти спортскиот луксуз се јадрото, сржта на 959. Своевремено, бил најбрзиот автомобил на светот достигнувајќи максимална брзина од 317 километри на час за комфорт, и неверојатни 336 километри на час за спорт верзијата. Но, да одиме полека. Моторот е 2.8 литарски, рамен со шест цилиндри, твин турбо кој произведува 444 коњски сили, додека моделот Sport имал 530. Забрзувањето на 959 е повеќе од импресивно благодарение на погонот на сите четири. Од место до стотка забрзува за 3,7 секунди, што е супер бројка дури и за денешните супер спортски автомобили (Aston Martin Vanquish 4,1 секунда до стотка). Менувачот е шест степен мануелен. Ако мислевте дека овој автомобил е тоа што е само поради моторот, продолжете да читате. Шасијата е направена од мешавина од кевлар и алуминиум. Моторот е целосно изработен од алуминиум што е голем плус во намалувањето на масата (1450 килограми), и зголемување на возните својства на 959. Специјални пневматици, со систем за мониторинг на истите, систем за совршено сразмерно распоредување на силата преку погонот на четири тркала (PSK- Porsche Steuer Kupplung, кој тогаш бил најсовремена технологија) до пневнатиците, што го прави неверојатно управлив и стабилен при секоја брзина. Диференцијалот имал опција да ја распределува влечната сила назад-напред, односно во зависност од условите на патот. При нагло забрзување моќта се распределувала и до 80 проценти на задната оска. За сопирањето не треба многу да се говори, знаејќи дека сите Porsche автомобили имаат врвни резултати на тоа поле. Суспензијата исто така била ремек дело, со можност за автоматско прилагодување на висината на автомобилот во зависност од условите на патот. Тркалата биле направени од магнезиум, технологија која се користи и ден денешен кај супер спортските автомобили кои немаат опција за карбонски. Со други зборови 959 бил автомобил кој лесно се управувал при секоја брзина, а бил многу брз. Направени биле 337 примероци, плус 8 примероци со ознака комфорт во црвена и сребрена боја. Цената за 959 варирала од 420.000 до 747.500 германски марки, но во Америка бил продаван и по цена од милион плус долари. Денес овој автомобил ако воопшто може да се најде во продажба би изнесувал од 1,6 до 2 милиони долари. Интересно е што првичната замисла за 959 била да се направи перфектен 911 автомобил, рели автомобил и тркачки автомобил кој би прошол во популарната група Б, која во тоа време немала ограничувања.
За крај една моја констатација и приказна поврзана со Porsche 959. Прво приказната…
Бил Гејтс купил Porsche 959, но за негова несреќа, во тоа време законите и регулативите во Америка не дозволувале 959 да биде возен на Американски тло, односно улици. И така “Gates 959” автомобилот останал во царинските складови на пристаништето во Сан Франциско цели тринаесет години, се до промената на регулативите и новиот закон, за чие донесување лобирал токму Бил Гејст.
Мојата констатација за овој супер автомобил е тесно поврзана со таа што ја имам за 918 Spyder. Не можам да кажам дека овој автомобил е најдобар во светот, но можам да зборувам за него само во суперлативи, што го прави еден од најдобрите некогаш направени. Од аспект на Porsche, 918 Spyder и 959 убедливо го делат првото место. И доколку имате мислење дека овој автомобил е најдобриот некогаш направен, go ahead, немам никаква примедба.
Дојдовме и до најтешкиот, најзамрсениот дел, каде треба да кажам кој автомобил е подобар. Бидејќи не сум Џереми Кларксон или Ричард Хамонд, ќе пробам ова да го изведам мудро. Преубавиот F40 наспроти технолошкото чудо 959? Како што кажав, F40 е најубавиот Ferrari автомобил. Од денешен аспект, F40 со својата убавина се уште плени, наспроти 959 со скромниот изглед. Но, како што се покажало во многу случаи досега, изглед вара. Споредбата помеѓу овие два автомобили е како да ги споредувате Меси и Роналдо, аналог со дигитал. Доколку сте секојдневен возач, Вие сте за 959. Ако сакате чист адреналин, право машко возачко искуство, F40. Едно е јасно, овие два автомобили се најважните супер спортски автомобили некогаш направени. Благодарение на нив денеска ги имаме LaFerrari и 918 Spyder.
Се прашувате што би избрал јас? Се разбира Porsche 959.