Throttle/Brake – епизода 10: Од тркачките патеки на улиците ???

Во стилот на кога Боговите одеа по Земјата, ќе речам, кога GT1 тркачките автомобили возеа по улиците. Оваа фраза се однесува на овие три автомобили кои се вонсериски, и на чии перформанси можат да позавидат и денешните супер автомобили. 90′ беа луди години за многу работи. Кога во 90′ се правеше хипер автомобил, тоа изгледаше вака: тркачки Ле Ман автомобил поради правилата се носеше на хомологација, се правеа некои мали измени, само колку за да може да учествува во сообраќај (светла, трепкачки), и се пушташе во продажба за почетна цена од милион евра па нагоре. И да, беа многу брзи и хардкор.

Mercedes CLK-GTR – Road Car

Image-1

Во не толку далечната 1997 година, тимот на AMG Mercedes, за да остане во GT1 шампионатот, морал да ги испочитува правилата на FIA и да произведе минимум 25 CLK-GTR автомобили со хомологација, односно автомобили кои би биле “сериски” и би можеле да се возат по улиците. И, да, во трка со времето, за 128 дена бил направен првиот CLK-GTR road car со шасија #1. Се на се, направени се вкупно 27 автомобили од кои 20 купе варијанти, 5 кабриолет и малку подоцна два автомобили со ознака Super Sport. Сите произведени автомобили се се волан на левата страна, со исклучок на еден автомобил кој бил специјално направен за Султанот Хасанал Болкиа од Брунеи и имал волан на десната страна. Во суштина и да нема некоја разлика помеѓу тркачките и цивилниот модел. Единствената воочлива разлика е во задниот дел, односно цивилната верзија има помал заден спојлер поради правилата кои ги налага хомологацијата. И да ги нема спонзорските налепници. Под хаубата, цивилните CLK-GTR имаат мотори со поголема зафатнина но силата која ја произведуваат тие поголеми агрегати пак е истата со таа кај тркачката верзија. Моторот е 6.9 литарски M120, V12, со сила од 604 коњски сили и 775 Nm влечна сила. Забрзувањето му е од место до 100 километри на час за 3,8 секунди и максимална брзина од 344 километри на час. Доста импресивни бројки за крајот на деведесеттите години. Со имплементација на технологија од F1 автомобилите, односно шасија од карбон фибер, материјал кој тогаш се сметал за исклучителен луксуз, автомобилот има маса од само 1440 килограми, а со тоа и неверојатна ригидност и управливост. Менувачот е шест степен секвенцијален, со тркачко квачило, што допринесува за чудните звуци кои се слушаат при менувањето на брзините.Внатрешноста е прилично сиромашна, спартанска, односно нема стерео систем и клима уредот доаѓа како додатна опција, но објаснувањето е дека тоа е така поради намалувањето на цената на автомобилот кој своевремено бил најскапиот автомобил на светот со цена од 1.55 милиони долари, но и да им се пружи право тркачко искуство на клиентите. Малку подоцна направена е и втора варијанта на CLK-GTR наречена Super Sport, шасија број #3 и #17, нормално, додатно засилена. Во втората варијанта е вграден тогаш најновиот 7.3 литарски V12 мотор, идентичен како оној кај Pagani Zonda и SL73 AMG. Развивал 655 коњски сили и 786 Nm вртежен момент.

Image-2

Од денешен аспект, овие бројки и не се којзнае што, ако на пример направиме споредба со Koenigsegg, LaFerrari или P1, но ни во никој случај не треба да се потценат перформансите на овој болид. Само да напоменам овој автомобил е направен да донесе титули, да ги порази Porsche и Mclaren. До ден денешен од Mercedes нема замена за овој автомобил, односно не е направена негова замена, што го прави најдобриот, најуникатниот Mercedes супер спортски автомобил било кога направен. Поради уникатноста на овој ѕвер, можеби никогаш нема да видиме како би се носел со на пример Porsche 918 Spyder на тркачката патека, но ве уверувам дека битката ќе биде многу, многу тесна.

Image-3 Image-4

Porsche 911 GT1

Image-5

Една година пред појавата на CLK-GTR, односно во 1996 година, по примерот на колегите од Ferrari, Mclaren и сите останати кои се натпреварувале во Le Man GT1 класата, гигантот од Штутгарт се вмешува во битката со цел да ги победи и замати сметките на останатите. Тие го конструираат автомобилот кој ние денеска го знаеме како 911 GT1. Велам конструираат, бидејќи во тоа време, правењето на автомобили од овој тип било еднакво со сензација. Зошто? Затоа што токму од овие автомобили произлегуваат најсовремените технологии кои денешните супер автомобили ги поседуваат. Но, да се вратиме на темата. Направени се вкупно 30 “легални” автомобили. Базиран на легендарниот 911 (993), но значително продолжен и проширен и за првпат со мотор поставен во средината. Сега ни е јасно од каде доаѓа идејата за понатамошните 911 -ки да бидат со средишно поставен мотор. Разликите помеѓу тркачкиот и легалниот автомобил се многу мали, односно огромниот заден спојлер е сменет со помал, и моторот е за некоја нијанса ослабен во согласност со стандардите на хомологација во тој временски период. Моторот е 3.2 литарски рамен или нареден со шест цилиндри, твин турбо, со вкупна сила од 537 коњски сили. Менувачот е ист како и кај CLK-GTR, шест степен секвенцијален. Масата на овој автомобил е само 1150 килограми. Шасијата е направена од карбон фибер. Суспензијата е направена да биде целосно прилагодлива односно може да се сетира според условите на патот/патеката. Максималната брзина на овој легален автомобил изнесува 308 километри на час, а забрзувањето до стотка е за 3,9 секунди. Во споредба со конкуренцијата овој автомобил е помалку инфериорен, но од Porsche тогаш оделе на карта на издржливост во што и успеале. Уникатен, тркачки легален Porsche, но кога би го споредувале со CLK-GTR ќе сфатиме дека овој автомобил го нема оној момент на паѓање на вилицата, на таа ексклузивност како што е случај со Сребрената стрела.

Image-6 Image-7 Image-8 Image-9

Nissan R390 

Image-10

Nissan? Од каде пак Nissan во друштво на овие могули? Епа вака… Малкумина знаат дека ова е најдобриот Nissan некогаш произведен. Некои лаици ќе речат дека GT-R е најдобриот. Тоа е погрешно. Но да почнам од почеток.

Image-11

Зошто велам дека R390 е најдобриот Nissan. Поради Нурбургринг. Зошто? Затоа што ова возило е направено по сите тамошни (тркачки) параметри. Едноставно, народски кажано, возило кое ќе има врвни перформанси на стаза, па и во град. И така и бидна. Направен е само еден официјален цивилен Nissan R390, кој бил црвен, па син и со цена од 1.000000 долари. Дизајниран е од човекот кој го има дизајнирано DB7, Јан Калум.

Image-12

Перформансите на овој автомобил кој е произведен во 1997 година се неверојатни. Од нула до 100 километри на час забрзува за само 3,2 секунди, а популарната четврт милја ја проаѓа за 11,1 и достигнува брзина од 233 километри на час. Максималната брзина е 354 км/ч, што го прави трет најбрз автомобил во светот своевремено, веднаш по TVR Speed 12 и McLaren F1.

Image-13

Моторот е 3.5 литарски, средишно поставен со осум цилиндри, L или наместен под агол од 90 степени (лонгитудинално). Вкупната моќност на овој агрегат е 558 коњски сили при 6.800 вртежи во минута. Менувачот е Xtrac, 6 степен мануелен (секвенцијален), кој вешто ја пренесува силата на задните тркала. Шасијата е направена целосно од карбон фибер, поради што масата е 1.098 килограми. Автомобилот имал или има неверојатни управувачки својства, нешто како денешната Pagani Huayra, ако не и подобри. Но доста со бројки и податоци. За овој автомобил во светски рамки нема многу пишани и снимени тестови. Поради таа ексклузивност овој Nissan е скоро како мит. Но еве јас во тој стил ќе продолжам со едно мое видување за овој автомобил, секако не од аспект на тест. Некогаш некој ќе ме праша кој е мојот омилен супер автомобил. Навистина тешко прашање. Повеќе класи и подкласи, автомобили со различни души. Затоа мојот одговор е ваков: Без конкуренција McLaren F1, Huayra, и во последно време Koenigsegg One:1. Но, еднаш пред многу години играјќи Gran Turismo 2, при една моја победа на трка, бев награден со најчудниот автомобил на светот (мое тогашно мислење). Веднаш како и секој друг го изнесов автомобилот на стаза и убедливо ја победив конкуренцијата. Во време на супер спор и нестабилен dial up интернет, од петни жили се трудев да дознаам што повеќе за R390. И на крајот кога дознав, без многу помпа, дисктретно го сместив во моите омилени супер автомобили. Што се однесува до конкуренцијата, односно CLK-GTR и 911 GT1, Nissan R390 со својата ексклузивност и неверојатни перформанси е подобро возило. Недоволната инволвираност на Nissan во супер спортските автомобили во тој временски период е главната причина поради која R390 не продолжил да се произведува. Но сега, кога времињата се други, кога имаме GT-R, и цела постоечка и развојна платформа за супер автомобили при Nissan, би сакал да видам нешто во стилот на R390 со погон на сите четири тркала и со тој чуден супер спортски јапонски дух и изглед (Honda NSX Type R). До тогаш кој знае и не знае, ова е најдобриот Nissan, а не GT-R.

Image-14 Image-15

braceeee11[1]

- Реклама -