Throttle/Brake #93: Најмоќниот од Маранело, вистинскиот наследник на најдобриот автомобил на сите времиња или нешто едноставно ултимативно

Во денешнава епизода ќе анализирам три најнови, сосема различни супер автомобили, кои некако тежнеат да не враќаат во иднината, односно во минатото. Јас секако уште на почетокот имам фаворит, но ќе се потрудам да останам објективен и неутрален и да ве прошетам низ времето.

Прво ќе започнам со сегашноста и со автомобилот кој е конвенционален според денешниве стандарди за супер автомобил. Деновиве Ferrari го претставија својот најмоќен и најсовремен сериски автомобил досега. Ја носи ознаката SF90 Stradale, што значи Скудериа Ферари 90 години, а Stradale објаснува дека се работи за набилдан автомобил за на улица. Одма да напоменам дека SF90 Stradale, на тест патеката Фиорано, е за цели 64 метри побрз од LaFerrari.

Најголемиот новитет е дека SF90 е првиот плаг ин хибрид (PHEV) автомобил од Маранело. На V8 битурбо моторот кој произведува 770 коњски сили, на располагање му е помошта од три електрични мотори, кои комбинирано испорачуваат 220 коњски сили (вкупно 1000 коњски сили, од кои еден се наоѓа помеѓу моторот и менувачот, односно на задната оска, и два на предната оска, со што SF90 е и првиот супер спортски Ferrari со погон на сите четири тркала. Овие бројки го забрзуваат SF90 до стотка за помалку од 2,5 секунди, до 200 за само 6,7 секунди и до максимални 340 километри на час. Барем така тврдат Италијанците. Новитет е и векторското електронско распоредување на влечната сила RAC-E (Rotational Axis Control Electric), со чија помош SF90 е многу побрз и попаметен од LaFerrari, особено кога е потребна инстант сила при излегување од свиоци.

Аеродинамиката е многу паметно дизајнирана, со цел да го “лепи” за подлогата најмоќното Ferrari досега. При брзина од 250 километри на час, овој паметен аеро сетап генерира даунфорс од 390 килограми. Во предниот дел немирниот воздух се контроли со помош на вортекс генератори, технологија која е позајмена директно од Формула 1, преден браник на кој има крило, и два дифузери кои се наоѓаат пред предните тркала. Одзади, многу интересно, на самиот капак на моторот е конструирано активно крило, кое е поделено во два дела, и чиј долен дел се отвара и затвора, односно работи по принципот на DRS крилото во Формула 1.
SF90 е опремен со најновиот интервејс made in Modena, со кој ќе бидат опремени сите наредни модели. Кога зборуваме за идните модели, да истакнам дека SF90 е вториот од петте автомобили кои треба да излезат од Маранело оваа година. Првиот е F8 Tributo. А бидејќи SF90 не е новиот LaFerrari, уште помоќната замена за хипер автомобилот ќе се појави во 2021 година. Е сега…
За крај имам добра и лоша вест! Добрата е дека секој со повеќе пари ќе може да си набави Ferrari со 1000 коњски сили, бидејќи SF90 нема да се произведува во лимитиран број. За волја на вистината, досега се букирани повеќе од 2000 производни слотови за најмоќното Ferrari досега. Лошата вест ќе стигне малку подоцна, кога автомобилот ќе почне вртоглаво да ја губи вредноста на пазарот. Но на крајот на денот, тоа се добро вести за нас со поплитките џебови, не?
Дали е светла иднината на Ferrari? Ги сфатија критиките, им стана јасно дека нивните автомобили не се ни приближно брзи како оние на конкурентите, Aston Martin почна да им дише во врат и бум, преубаво Ferrari со 1000 коњски сили и многу памет, по “достапна” цена.

Внатрешноста на Ferrari SF90 Stradale
Gordon Murray Automotive T.50

Гордон Мареј… постарата генерација ќе каже дека е најголемиот инженер и генијалец во Formula 1, мојата генерација ќе потврди дека тој е човекот кој го создал најдобриот автомобил на сите времиња, а генерациите кои што доаѓаат ќе бидат сведоци на реинкарнацијата на McLaren F1. Чистокрвен супер спортски автомобил, без батерии и милион компјутерски операции во минута. Само волан, атмосферски V12 и турбо вентилатор!? Да!

Но ајде прво накратко да ја ѕирнеме биографијата Господин Гордон. Роден е во Дурбан, ЈАР. Во далечната 1969 година, на возраст од 23 години, заминува во Велика Британија да ја бара среќата како дел од Lotus. Во тоа време сопственикот на Лотус, легендарниот Колин Чапман отпушта голем дел од вработените во Лотус, па Гордон случајно се среќава со главниот дизајнер на Брабам, кој му нуди работа во просперитетниот Formula 1 тим. По извесно време на чело на Brabham доаѓа Берни Еклстоун, кој го именува Мареј за главен инженер. Гордон во својата богата Formula 1 кариера како главен дизајнер, од 1973 до 1991, за Brabham и McLaren има дизајнирано многу тркачки автомобили, од кои два се можеби и најдобрите на сите времиња. Станува збор за Brabham BT46B и McLaren MP4/4, со кој Аиртон Сена и тимот на McLaren, победуваат во 15 од 16 трки. BT46B или “автомобилот вентилатор” бил “забранет” само по една трка, односно шест дена по Шведското Гран При, каде Ники Лауда зад воланот на “вентилаторот” ги понижува McLaren и Lotus со предност од 34 секунди. За волја на вистината, по протестот од Lotus и McLaren, BT46B бил “пензиониран” лично од Берни Еклстоун, кој не сакал да се замерува со газдите на тимовите кои во иднина му помогнале да дојде на чело на најелитното автомобилско натпреварување во светот.

Ники Лауда во Brabham BT46B “автомобилот вентилатор” на Шведското Гран При.

По завршувањето на брилијантната кариера во Formula 1, во 1991 година Гордон Мареј решава да се почести со еден супер автомобил кој ќе му биде по ќеиф и во соработка со McLaren го прават вонсерискиот F1.

Трите Грации на Гордон Мареј

Три децении подоцна, Гордон Мареј конечно решава да го удостои најдобриот автомобил на сите времиња со вистински наследник. Истата филозофија, атмосферски V12, ултра лесен со три седишта (возачот во средина) и револуционерно решение за даунфорс. Го слушав Гордон Мареј на еден подкаст, каде зборуваше и за супер автомобилот T.50, кој е сеуште во развојна фаза. Мареј тврди дека новиот супер автомобил е неговиот најдобар дизајн досега, дизајниран да ги задоволи фантазиите на најпребирливите авто пуристи, дека ќе биде три пати подобар од F1 во се, и дека по скоро 30 години од конструирањето на McLaren F1, сега имал на располагање “куфер со алатки и материјали” кој е три пати поголем од оној што го имал кога бил дизајниран најдобриот автомобил на сите времиња. Ајде да го отвориме куферот…

T.50 (развојно име) ќе биде супер автомобил за три патници, чија шасија и панели ќе бидат излеани и направени од најсовремените компоненти на карбон. Дизајнот на автомобилот е умерен, чистокрвен, без огромни спојлери и крила. Димензиите исто како и кај F1 се компактни, и новиот автомобил ќе биде помал од Porsche 911. Тоа значи дека T.50 ќе биде исклучително лесен. Да бидам прецизен, 10% полесен од F1, односно 980 килограми. Новото чедо на Гордон Мареј ќе биде придвижувано од атмосферски V12 мотор со зафатнина од 3.9 литри, кој ќе го прави Cosworth и ќе испорачува 650 коњски сили и 450 Nm. Знам дека ако ги следиме денешниве стандарди, 650 коњски сили и не се многу, но Мареј е исклучително горд на моторот на Cosworth, кој ќе врти неверојатни 12.100 вртежи во минута. Со помош на огромната воздушна на покривот на автомобилот (исто како и кај F1 автомобилите) преку која воздухот од надвор под голем притисок ќе оди право во моторот, автомобилот ќе достигнува сила од 700 коњски сили. И 980 килограми… Математиката покажува дека со 663 коњски сили на еден тон, T.50 ќе има сооднос на сила и маса како ниеден друг сериски атмосферски напојуван автомобил досега. Силата ќе биде пренесувана на задните тркала преку Xtrac шест степен мануелен менувач. И дојдовме до најважниот дел во оваа епизода. Вентилаторот!

Оригинален дизајн скеч од T.50 со вентилаторот сместен под 3.9 литарскиот мотор.

Сигурно се прашувате за што ли би служел вентилатор од 400 милиметри во автомобил? Оваа “проста” но зачудувачка технологија датира уште од шеесеттите години. Првиот тркачки автомобил што се служел со два вентилатори за да произведе повеќе даунфорс бил Chaparral 2J, кој исто како и Brabham BT46B бил забранет по првата трка. За разлика од доминантниот болид со вентилатор на Мареј, Chaparral 2J не успеал да ја заврши трката поради проблеми со издржливоста на моторот. Значи, вентилаторот е најпросто и најневеројатно решение за создавање даунфорс и регулирање на турбулентиот воздух. Досега не сме виделе сериски автомобил со вентилатор во задниот дел, но ако му веруваме (а треба) на Гордон Мареј, ова решение како од цртаните филмови, е значително поефективно огромните спојлери или дифузери, бидејќи овие “израстоци” кои предизвикуваат отпор, се ефективни само при големи брзини. Но што е со бавните свиоци? Решението е едноставно, вентилатор од 400 милиметри вграден под самиот мотор. Секако во комбинација со активна аеродинамика.

Chaparral 2J (Fan car) на патеката Лагуна Сека во САД

Да бидам искрен, навистина сум возбуден за овој автомобил. Според мене, McLaren F1 е најдобриот автомобил на сите времиња. Дали новата креација на Гордон Мареј ќе биде достојна за да го “прати” во пензија најдобриот автомобил на сите времиња? Ако се држиме до горе напишаното, да, одма. Но, реалноста е малку поинаква. Денес секој прави одлични супер автомобили и конкуренцијата е навистина огромна, како “бара полна со крокодили”. Но, јас сепак сум уверен дека Гордон Мареј пред да оди во пензија, уште еднаш ќе му покаже на автомовилскиот свет како се прави најдобриот супер автомобил. Ќе го направи само во 100 примероци, а еден ќе чини 2.5 милиони евра без пресметани давачки.

Гордон Мареј со својата креација по победата на Ле Ман Ultima RS

Ако сте од оние кои сакаат автомобили со повеќе од 1000 коњски сили, односно Bugatti Chiron или некој Koenigsegg, но немате 3 милиони евра, продолжете да читате, бидејќи мислам дека ќе извикате “Еурека”. 1200 коњски сили, во тело од 980 килограми, за нешто повеќе од 100 илјади евра. Добро прочитавте, Ultima RS е вистински олд скул хипер автомобил.
Ако Ferrari SF90 со двете очи гледа кон иднината, а T.50 на Гордон Мареј кокетира со иднината и со минатото, тогаш инспирацијата за Ultima RS е заглавена во групата C на Ле Ман, во која во осумдесеттите силите ги одмерувале автомобили кои достигнувале и повеќе од 400 километри на час за време на трка.

Ultima е мал “бутик” производител на супер спортски автомобили, па бидејќи немаат многу време и средства за R&D, нивната формула за многу брз автомобил е многу едноставна: тркала, волан, General-Motors LT5 V8 засилен со суперчарџер со 1200 (800 ако ви е многу) коњски сили, два вортекса и сплитер во предниот дел и огромно задно крило одзади. Нудат опција за клима, електрични стакла, паркинг сензор и навигација, но според нив, овие “луксузи” само ќе ја направат вашата Ultima RS побавна. Тие нудат и послаби и поевтини варијантни, но во оваа приказна тие се небитни. Ultima RS ќе се испорачува само со шест степен мануелен менувач, бидејќи во осудесеттите сеуште немаат измислено автоматски менувачи. Благодарение на 1200-те коњски сили, RS ќе оди до стотка за 2,3 секунди и северно од 402 километри на час. Кој и како ќе го пилотира овој тркач со регистарски таблички од осумдесеттите? Незнам, јас би ја возел само во видео игра, но и таму е скоро невозможно. Пазете сега! Ако сакате вашата Ultima RS да биде направена во фабриката на Ultima во Британија, ќе треба да почекаат околу две години. Добро!? Ако ја купите во кутија, нормално ќе ви ја донесат до дома, ќе ви требаат само 22 недели да ја “склопите” и притоа ќе заштедите илјадници евра. Замислете, си склопувате автомобил со 1200 коњски сили кој тежи само 980 килограми…

Што знам, иако е хорор, мене ми фаќа око.

Внатрешноста на Ultima RS


Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -