Throttle/Brake 61: Вашите костуми, Ве молам: Rolls Royce Phantom VIII

Осмата генерација на Phantom е една сосема нова страница во дневникот на “Духот на Екстазата”. Неверојатен спој на традицијата, раскошот и иднината. Се што гледате и не гледате, освен традиционалната хромирана решетка, е ново и е создадено само за Phantom VIII. Дури и решетката е поголема и со повеќе ребра.

Во 2003-та година, се појави седмата генерација на Phantom, која беше еден вид камбек на Rolls Royce на екстравагантната сцена под водство на новите сопственици (BMW). Во годините кои следеа, Rolls Royce беше синтеза на британската аристократија и германската прагматичност. И се беше супер, се додека клиентите не почнаа да негодуваат дека гледаат премногу BMW детали во нивниот автомобил од 300 плус илјади евра. Оваа компромитирачка ситуација го доведе во прашање статусот на “Духот на Екстазата ” и тие мораа да се “дистанцираат” од баварскиот гигант и да свртат нов лист, односно да создадат своја нова платформа. Денес, за првпат од работењето на Rolls Royce, Phantom VIII и Cullinan (ќе) возат на целосно алуминиумска spaceframe шасија.

Од фабриката велат дека новата шасија е многу полесна и поцврста, но тврдат дека во никој случај не може да се каже дека новиот Phantom (стандардната и продолжената верзија) со маса од 2720 килиграми е лесен автомобил. Само звучната бариера во автомобилот тежи 135 килограми, па затоа Phantom може да се пофали дека ја има најтивката кабина меѓу автомобилите. Тоа е вистинскиот уникатен карактер на еден Rolls Royce. Додека се возите, да го чувствувате асфалтот како памук. Се сеќавам кога за првпат седнав во Rolls Royce Ghost, го стартував моторот и бев збунет бидејќи немаше звук, верглање и вибрации од моторот. А кога почнав да возам… друга димензија. Од воланот, до седиштата и суспензијата, однесувањето на автомобилот кога ќе притиснете на педалот за гас, менувачот… Уникатност што нема да ја најдете во ниеден друг автомобил. Благодарение на новата самонивелирачка воздушна суспензија, возењето (до 100 километри на час) ќе биде многу кадифено. Знаете, чувството кога гњавите некое кадифено мече!

И моторот е целосно нов, односно позајмен од единствениот Sweptail. 6.75 литарскиот, V12 твин турбо испорачува 563 коњски сили и 900 Nm, преку осум степен автоматски менувач, на кој му помагаат сателитски мапи во програмирањето на менувањето на брзините.
Надворешниот дизајн е делумно променет во предниот дел на автомобилот, каде акцентот е ставен на иднината, односно дизајнот ни го покажува традиционалниот – футуристички Rolls Royce.

Внатрешноста е спектакуларна. И претходните Rolls имаа луксузна внатрешност, но синтезата на иднината и технологијата со традиционалното е на едно сосема ново бајковито ниво. Инструменталната табла е за првпат во еден Rolls Royce дигитална, и има галерија. Да, галерија направена од свила, кожа, дрво и метал која со помош на уметник, може да ја направите да изгледа како што сакате или замислувате. Rolls Royce во соработка со неколку уметници веќе имаат направено неколку “галерии” кои го одземаат здивот. Ако ова не е луксуз, незнам што е!

Златна галерија на инструменталната табла.
Свила и метал.

Задниот дел од кабината е главното упориште на еден Phantom. Седиштата имаат неколку конфигурации: lounge (дневен престој), индивидуално позиционирани и нормално конфигурација за спиење. Најоткачениот детал кај овој автомобил е кревањето на подот за да ги одморате нозете под некој удобен агол. Да не го заборавиме опеаниот ѕвезден покрив.

Star Trek кров.

Знам дека читате и се прашувате за цената на овој раскошен пентхаус на тркала. Зарем е битно? 450 илјади евра за основниот модел, кој хедонистичката клиентела на Rolls Royce нема ни да го погледне. Јас би го гледал, но никогаш не би можел да уживам во еден ваков автомобил. Кога би бил “приморан” да возам само Rolls Royce, мојот автомобил би бил Dawn. Се друго за мене е нерационално и ирационално.

Пишува: Брацо Моралиќ

Сакаш уште Throttle/Brake?

- Реклама -