И кога сите мислевме дека Honda веќе нема намера да прави лесен, спортски автомобил со мотор сместен во средината, БУМ! Новата Honda S2000 ќе пристигне наредната 2018-та година како подарок за 70-от роденден на компанијата. Како во старите добри времиња, ќе имаме NSX, S2000 и Civic Type R.
Скептиците ќе забележат дека Honda практично и нема платформа за лесен, спортски роадстер со мотор сместен во средината, но јас ќе потсетам дека немаа платформа ни за NSX, така? Новиот автомобил ќе биде директна конкуренција на Mazda MX-5, но блиски извори на Honda ветуваат дека автомобилот ќе биде двојно помоќен од Миатата. Најверојатно моторот ќе биде позајмен од Civic Type R, односно 2.0 литарскиот турбо, кој ќе испорачува околу 320 коњски сили кои ќе ја придвижуваат задната оска. Бидејќи најголемата инспирација доаѓа токму од NSX, не е исклучена можноста и за хибриден погон, односно бензискиот моторда биде во средината и два електро мотори на предните тркала во служба на распоредување на векторската сила. Наследникот на популарната S2000 ќе тежи помалку од 1300 килограми. Да се потсетиме какви перформанси на тркачка патека имаше старата S2000-ка, и да додадеме плус, моќ, векторска контрола на силата, нов аеро пакет… Се е јасно. Единствено нешто што во самиот старт не ми се допаѓа е цената од 50 плус илјади евра.
Chevrolet Corvette C8
После цели четириесет години гласини за Корвета со мотор во средината, Corvette C8 е тука.
Деновиве низ автомобилскиот етер кружат шпионски фотографии од најновата Corvette C7 ZR1 која е рамо до рамо со мистериозен супер автомобил со мотор во средината, за кој сите веруваат дека е предолго очекуваната Corvette C8. За волја на вистината, мистериозниот автомобил дефинитивно не е Cadillac. Тоа значи дека визијата на Фердинанд Порше и Зора Аркус Дунтов за “идеална” Корвета со мотор сместен позади возачкото седиште е стварност. Дали ќе биде идеална, ќе дознаеме наскоро. Моето лично мислење е дека “Зора” ќе биде подобар спортски автомобил од конвенциалната Корвета (со мотор напред). Изградена е на целосно ново подвозје (платформа), која подоцна можеби ќе ја дели со Cadillac XLR. По се изгледа, “Зора” ќе биде придвижувана од моторот (LT4 V8) кој ќе ја придвижува и C7 ZR1, што значи дека ќе има над 700 коњски сили. Ќе си земам за право да напишам, дека ако се биде вкомпонирано како што треба, C8 ќе биде сериозно брз автомобил. Мистеријата да биде поголема, во корелација со C8 се појавува и референцата “E-Ray”, што значи нешто електрично. Хибриден погон можеби? Да, дури сум спремен и да се обложам! А цената? Ферски 80 илјади долари во Америка. Конкуренција? Audi R8 V10 Plus, Ferrari 488 GTB, Lamborghini Huracan LP610-4, Jaguar F-Type, Porsche 911 Turbo S…
Ви текнува ли на филмот “Smokey and Bandit” со Берт Рејнолдс (Бандит) и неговиот Pontiac Trans Am Special Edition? Благодарение на Берт Рејнолдс легендарниот Bandit Trans Am е повторно жив. И темпераментен.
Во 2001-та и годините што следуваа по неа, Chrysler реши да ги убие легендарните Plymouth, Oldsmobile и на крај и Pontiac. Со тоа ја убија и можноста за римејк на некои навистина култни автомобили како GTO, Firebird, Trans Am и тн. Но, само небото е лимит за вистинските љубители на спортски автомобили. Компанијата Trans Am Depot во 2011-та година на некој начин ги клонираше GTO и Trans Am. Тогаш Бандитот си помисли, зошто да нема нов Trans Am SE Bandit? И така, Chevrolet Camaro од петтата генерација стана Trans Am “Bandit”. Навистина генијално решение. Направени се доста модификации за да автомобилот го добие модерниот изглед на Bandit Edition. Целосно е променета предната маска и браник, покривот е тарга, задните стоп светла, задниот дел, багажникот, многу златна боја и детали, златни ретро тркала со Goodyear Eagle F1 пневматици, на кои доминираат белите букви. Внатрешноста е исто така скоро целосно променета. Доминираат златната, црната и кафената боја и многу ретро детали.
Под хаубата се наоѓа 840 Extreme Performance Package, во превод, 7.4 литарски LSX V8, засилен со 2.9 литарски суперчарџер со две завртки. Исходот е 840 коњски сили на задните тркала, диригирани од мануелен и автоматски менувач. Во служба на стабилноста, задната оска е позајмена од Camaro Z/28. Брутални перформанси во споредба со класичниот автомобил од 77-ма, кој имаше разочарувачки 185 коњски сили од 6.6 литарски V8 мотор. До стотка “Bandit” забрзува за помалку од три секунди, а максималната брзина ја надминува границата од 320 километри на час. Ќе бидат произведени само 77 бандитски автомобили, а доколку сте страстен фан на филмот и автомобилот, римејкот може да биде ваш за околу 115 илјади евра, плус едно стандард Camaro.
Во продолжение, инсерти од култниот филм “Smokey and the Bandit”.
Берт Рејнолдс и новиот Trans Am Bandit.