Throttle/Brake 31: Супер автомобили за кои никогаш немате слушнато – дел 2

Оваа епизода продолжуваме од таму каде што застанавме. Втор дел од епизодата за најчудните супер автомобили, автомобили за кои можеби и никогаш немате слушнато. Неверојатни, егзотични, уникатни, брзи, моќни, недостапни, но и тотални промашувања. Но, пред да продолжам со темата, да кажам збор два за неверојатната трка на Porsche 918 Spyder Weissach на Саломондрин и Rimac Concept One на Мате Римац. Откако му одржа лекција на Ferrari LaFerrari, Мате со неговиот Rimac Concept One не застана. За разлика од гигантските компании кои кукавички одбегнуваат било какво соочување со конкуренцијата, дечките од Rimac отидоа до самиот врв, односно се соочија со автомобилот со најдобро забрзување од место до стотка, кој исто така го држи и рекордот за најбрз сериски автомобил на светот на патеката Нурбургринг. Да бидам искрен, знаев дека ќе биде тесно, но исто така знаев и дека електричните автомобили имаат на располагање 100% од својата сила во секој потребен момент. И така, Rimac го победи 918 Spyder. Да напоменам дека тимот на Мате подготвува и тркачки ориентиран Rimac Concept S. Се надевам дека во блиска иднина ќе видиме трка со Rimac и Koenigsegg или Bugatti. Сега за сега, на растојание од четврт милја, Concept One е најбрзиот автомобил во светот.

^ Porsche 918 Spyder vs Rimac Concept One.

Lister Storm

slika 1

Базиран на тркачки Ле Ман автомобил, Lister Storm е легалната верзија на компанијата од Велика Британија. Направен е во 1993 година, како резултат на правилата на FIA. Дали знаете дека Storm го има најголемиот V12 агрегат вграден во сериски автомобил со зафатнина од 6.996 литри или по нашки 7.0. Направени се четири Lister Storm легални автомобили. Масивниот мотор со 12 цилиндри распоредени во V формација, произведувал 546 коњски сили и импресивни 790 Nm влечна сила. Од место до стотка забрзувал за 4,1 секунда, а стрелката за мерење на максималната брзина достигнувала до 335 километри на час. Импресивно.

slika 2

Vector M12

slika 3

Во минатата епизода пишував за претходникот на M12, W8. За разлика од славата на W8, новиот автомобил го пратат низа контроверзи. Прво, фабриката на Wiegert ја купува Малезиска компанија и во M12 вградуваат 5.7 литарски Lamborghini мотори, за кои подоцна ќе немаат пари да платат и компанијата ќе престане со работа. Второ, за наплата на долгот, Lamborghini ќе го побараат од Vector култниот W8 автомобил, кој пак е во сопственост на Wiegert. Од аспект на перформанси, за M12 може да се каже дека е просечен супер автомобил со 492 коњски сили и брзина од 309 километри на час. Направена е подобра и засилена верзија на M12 со ознаки SRV8, но на голема жалост компанијата оди во банкрот.

slika 4

Cizeta-Moroder V16T

slika 5

Знам, прво што ви паѓа на памет е сличноста на овој автомобил со Lamborghini Diablo. Не станува збор за реплика, сличноста помеѓу овие два автомобили е резултат на креативноста на Марчело Гандини, дизајнерот кој ги има дизајнирано овие два автомобили. Па и не е лесно да дизајнираш два италијански супер автомобили во деведесеттите во многу краток временски период. Како и да е, Cizeta и Lamborghini имале многу заедничко. Всушност, овој автомобил е направен од луѓе кои имаат работено во Lamborghini. Дали знаевте дека Cizeta има мотор со 16 цилиндри, односно два мотори од Lamborghini Urraco споени во V формација. Со оглед на големината на моторот, перформансите се, условно речено, слаби. Од место до сто километри на час, Cizeta Moroder забрзува за 4 секунди, а максималната брзина е нешто повеќе од 320 километри на час, поточно 328. Своевремено била продавана за денешни 250 илјади евра.

slika 6

Trident Iceni

slika 7

Ова е најбрзиот и најекономичниот дизел сериски автомобил во светот. Доаѓа од Велика Британија, поточно од Норфолк. Под убавите надворешни линии лежи 6.6 литарски турбо дизел мотор, кој произведува 400 коњски сили и 949 Nm влечна сила. Од место до стотка, овој дизел убавец забрзува за 3,7 секунди, а стрелката за брзина оди до 300 километри на час. Цената му е околу 100.000 евра. Од компанијата нудат и додатен тркачки пакет со кој Trident Iceni добива 670 коњски сили, 1424 Nm и тркачка суспензија и сопирачки. Од фабриката тврдат дека при теоретска брзина од 60 километри на час, овој дизел супер автомобил може да помине неверојатни 2000 километри со еден резервоар. Иако името на автомобилот звучи како забна паста или гуми за џвакање, Trident Iceni е преубав автомобил со сериозни перформанси и разумна цена.

slika 8

Mazzanti Evantra

slika 9

Еден сериозен супер автомобил кој се произведува во преубавата Тоскана во Италија. Mazzanti Automobili во 2013 година во Монако го претстави својот супер автомобил Evantra, што на стариот Етрурски јазик е всушност име на божицата на бесмртноста. Производството е лимитирано, односно за една година се произведуваат само пет “Божици на бесмртноста”. Срцето на автомобилот е 7.0 литарски V8 кој произведува сериозни 701 коњски сили и 848 Nm. Од место до стотка забрзува за 3,2 секунди. Погон на задните тркала, автоматски шест степен менувач, маса од 1300 килограми, аеродинамика од F1 и Le Mans и максимална брзина од над 350 километри на час. Треба уште да пишувам?

slika 10 slika 11

GTA Spano

slika 12

Кој го има гледано Need For Speed, или ја игра Forza Horizon 3, можеби и го знае овој супер автомобил. За другите, нешто слично како и Mazzanti Evantra ама од Шпанија. Шасија од карбонски влакна и титаниум. Тоа што е интересно, е дека во средишниот дел на автомобилот е монтиран 8.3 литарски мотор од Dodge Viper. За разлика од Viper, Spano има сила од 820 коњски сили и 960 Nm. Кога ќе ги ставите овие бројки на само 1350 килограми, резултатот е, забрзување до стотка за помалку од три секунди и максимална брзина од 370 километри на час. Доколку GTA Spano ви фати око и сакате да биде ваш, подгответе 1.5 милиони евра и ќе бидете еден од 99 сопственици.

slika 13 slika 14

^ Сцена од филмот Need For Speed со GTA Spano.

SIN R1

slika 15

Автомобил кој доаѓа директно од тркачките патеки. Германско-Бугарска соработка со седиште во Велика Британија. Легалниот автомобил (овој на сликата) е опремен со 6.2 литарски V8 мотор од Chevrolet, кој го забрзува овој мал супер автомобил до стотка за само 3,5 секунди. Максималната сила е 450 коњски сили. Интересно е дека по Брексит, компанијата своето седиште ќе го пресели во Бугарија и Германија.

slika 16

За крај, нешто интересно и уникатно. Ако се сеќавате на култните видео игри Gran Turismo 3 и Metal Gear Solid, ова видео ќе ви разбуди многу пријатни гејмерски спомени. Уживајте.

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ

 

- Реклама -