Заборавете на Ferrari, Lamborghini и Maserati. Скоро и да нема жив човек на планетава кој не слушнал за овие супер автомобили. Доколку сакате да се издвоите од стадото, и да дознаете повеќе за “еднорозите” во автомобилската индустрија, бујрум, продолжите да читате.
SCG 003
SCG 003 или Scuderia Cameron Glickenhaus 003 е легален тркачки автомобил кој е направен во Торино. Ако сте во Америка и сакате да го имате овој супер автомобил, истиот ќе би биде испратен во делови. Чудно нели? SCG 003 е придвижуван од 4.4 литарски V8 мотор, кој произведува 800 коњски сили и неверојатни 1000 Nm. Оваа брутална сила се пренесува на задните тркала преку седум степениот Cima менувач. Автомобилот е целосно направен од јаглеродни влакна и тежи помалку од 1200 килограми. Постои и Competizione Stradale верзија, која е исто така легална за на улица, но со мали подесувања се претвора во целосно функционален тркачки автомобил. Цената на овој еднорог изнесува околу 1.3 милиони евра. Ах, да, уште нешто. Џим Гликенхаус тврди дека уличната верзија на SCG 003, ќе ја извози патеката Нурбургринг Нордшлаифе за време од 6 минути и 20 секунди. Баш би сакал да го видам тој подвиг.
Panoz Esperante GTR-1
Знам дека ви звучи како име на некој Мексиканец со грчко потекло, но всушност зборуваме за хардкор Ле Ман легален супер автомобил. Дон Паноз, морал да направи два легални автомобили за да се натпреварува во Ле Ман и со не многу измени ја решил работата. Во тркачкиот Esperante, наместо 6.0 литарскиот V8 на Ford, е вграден малку помал но значително засилен 5.3 литарски со осум цилиндри под кос агол кој произведувал 600 коњски сили и 678 Nm влечна сила. Да напоменам дека доколку имате желба, Дон Паноз ќе ви продаде еден уникат за нешто помалку од 800.000 евра. И да, ентериерот ќе биде истиот од ’97 година и ќе ви биде испорачан во уникатна камелеон боја. Некаде прочитав дека Panoz Esperante GTR 1 е како лут, пијан ѓавол. По се изгледа мислеле на звуците кои доаѓаат од под хаубата.
Wiegert Vector W8
На времето беше еден од моите омилени автомобили. Три брзини, 625 коњски сили и брзина од 389 километри на час. Вау… Да, навистина, на времето, поточно од ’90 до ’92 година, една сега веќе пропадната компанија од Америка го произведуваше ова чудо кое беше придвижувано од 6.0 литарски V8 твин турбо мотор, со сила од 625 коњски сили и 880 Nm сила која влече. Дали знаете од каде е идеата на McLaren да го постави возачкото седиште во средина? Токму од Wiegert Vector. Навистина уникатен хипер автомобил од деведесеттите кој своевремено забрзувал од место до стотка за 3,9 секунди и бил најбрзиот автомобил во светот. Направени се само 22 автомобили. Денес Vector W8 доколку го најдете, може да биде Ваш за нешто повеќе од милион евра доколку е во добра кондиција.
Dauer 962 Le Mans
Во деведесеттите, да возите тркачки автомобил по улица не претставувало никаков проблем. Доволно било да си одберете тркачки автомобил, да одите во фабриката каде е направен и да имате многу многу пари. Според многумина најдобриот тркачки автомобил на сите времиња е Porsche 962. Шесткратен победник на Ле Ман и апсолутен рекордер на Нурбургринг Нордшлаифе со време од 6:11.13. Инспирирани од овој фантастичен автомобил, Dauer решиле да го направат истиот автомобил, само за улични потреби. Моторот е истиот како кај тркачкиот роднина, односно 2994 литарски со шест наредени цилиндри засилен со два турбо полначи и сила од 730 коњски сили. Имал и тркачки пет степен менувач. За да биде поудобен за секојдневна употреба, променети се осовините во моторот. Интересно е дека Dauer 962 достигнувал максимална брзина од 405 километри на час и имал неверојатно забрзување. Од место до стотка забрзувал за 2,8 секунди и 7,3 секунди до 200 километри на час. Во 2003 година, магазинот Evo го прогласил Dauer 962 за најбрз автомобил во светот.
De Tomaso Pantera
“Пантерот” на De Tomaso е спортски автомобил со мотор поставен во средината кој бил произведуван од ’71 до ’91 година. За дваесет години биле произведени повеќе од 7000 примероци од овој ретро убавец. Моторите кои италијанците ги вградувале во “Пантерот” биле на Ford, со зафатнина од 5.8 литри и со осум цилиндри кои биле распоредени во V формација. Автомобилот имал “скромни” 330 коњски сили и максимална брзина од 256 километри на час. Но во тие стилски времиња, максималната брзина и не играла некоја голема улога. Важни биле стилот, изгледот и убавината, а De Tomaso Pantera бил неверојатно убав автомобил.
Mitsuoka Orochi
Да бидам искрен, со овој уникатен Јапонец се запознав сосема случајно пред скоро три години. Возејќи по една улица во еден далечен град, го здогледав овој чуден автомобил и се прашував како е возможно да незнам за кој автомобил станува збор. Кога стигнав дома, го пребарав “цел” интернет и дознав повеќе за Mitsuoka Orochi. Го има во две варијанти, кабриолет и купе. Придвижуван е од 3.3 литарски, V6 Toyota агрегат. Кога ќе го здогледате, овој змеј со осум глави (Orochi), делува како да е еден од најбрзите автомобили во светот. Вистината е дека има 233 коњски сили и максимална брзина од 250 километри на час. Уште една сурова вистина е дека е сметан за еден од најгрдите автомобили во историјата. Се произведувал од 2006 до 2014 година, а финалната верзија на змејот со осум глави се продавала по цена од 110.000 илјади евра. Многу евра за грд и спор супер автомобил.