Минатата епизода пишував за два култни, ретро спортски автомобили. И оваа епизода ќе продолжам во тој ретро ритам, но со малку поегзотичен аранжман.
Дали знаете како ќе направите Dodge Charger Hellcat да изгледа “невино”? Многу едноставно, само паркирајте Mercedes-Benz AMG Hammer до него. За да не се разбереме погрешно, не мислам на перформансите, туку на “Darth Vader” појавата за која Charger Hellcat може само да сонува. Тимот на AMG дефинитивно бил делумно инспириран од мрачните сили на Star Wars. Hammer на германски значи исто што и на англиски, чекан. А сите знаеме за што служи чеканот. Своевремено, овој Hot Rod со четири врати е направен да ја столчи конкуренцијата во неговата и во сите други класи. Porsche 911 Turbo, Ferrari Testarossa и Chevrolet Corvette се побрзи на тркачките патеки, но не и на автопат. Убавината на горе споменатите супер спортисти е без дилема, но што е со сексипилот? Дефинитивно Hammer. На тој сексипил, додадете комфор, брзина од 300 километри на час, и добивате седан за четворица со перформанси на Testarossa. Во буквална смисла.
Во сега веќе далечната 1988 година, автомобилите кои можеле да се спротистават на перформансите на Hammer се броеле на прсти. Од место до сто километри на час забрзувал за 5 секунди, а четвртина милја за 13,5 секунди. Направени се вкупно 13 Hammer автомобили. Постојат две верзии на овој автомобил, со зафатнина од 5.6 и 6.0. Но, нас секогаш не интересира онаа посилната т.е 6.0 литарскиот V8 M117. Секој AMG Hammer е всушност модифициран модел на 300E, чиј мотор со шест цилиндри е заменет со V8, кој бил наменет за моделот S 560. Тој мотор е поставен со четири вентили по цилиндар, и по можност неговата зафатнина можела до се зголеми до 6.0 литри и да произведува 390 коњски сили и 566 Nm. Кога велам можност, мислам на желба на купувачот. Потоа луѓето од AMG, во Hammer го вградуваат четири степениот автоматски менувач од поголемата S класа и најголемиот диференцијал кој Mercedes-Benz го имале на располагање. Додатно, била вградена специјална AMG суспензија со пократки пружини и поцврсти амортизери во комбинација со 17 инчни тркала и Pirelli P700 пневматици. Направени се и низа подобрувања на аеродинамиката, посебно во предниот дел, со што коефициентот бил намален на 0.25 Cd. Не е познато, колку точно Hammer автомобили со зафатнина од 5.6 и 6.0 се направени, но нашите спецификации се однесуваат на оној посилниот, односно 6.0, кој развивал максимална брзина од преку 300 километри на час. Во тоа време чинел околу 200 илјади долари. Бил побрз од Corvette и 911 Turbo. Рамо до рамо со Lamborghini Countach и Ferrari Testarossa. Колку за споредба, денешниот E63 AMG до стотка забрзува за 3,5 секунди и има максимална брзина од 250 километри на час со електронската блокада, и 300 километри на час доколку одберете некој додатен пакет. Во превод, доколку E63 и Hammer денес се сретнат на некој автопат и E63 го нема додатниот пакет, автомобилот од 1988 година би бил побрз. Дали Hammer е најдобриот AMG автомобил со четири врати на сите времиња? Дефинитивно, ДА.