Throttle/Brake #26: Mazda RX-9 и зелено светло за Mercedes AMG R50.

Image-1

Mazda, ротори, Ванкел. Две букви и број. RX-9… Бидејќи RX-8 и не беше баш најдоброто од Zoom-Zoom, ќе кажам дека RX-7 наскоро ќе добие достоен наследник. Достоен, преведено на нашиот јазик значи купе со 400 коњски сили и 1300 килограми. 

Последниве две години, кружеа многу гласини за тоа дали RX-8 ќе добие наследник или не. И кога сите некако дигнаа раце од тој случај, директно од Јапонија, пристигна веста дека Mazda RX-9 ќе пристигне во 2019 година на саемот за автомобили во Токио. Ако ви се чини дека 2019 е многу далеку, не грижете се, затоа што веќе наредната година ќе имате прилика да го видите концепт автомобилот Mazda RX-9. 2017 за Mazda е љубилејна, се слават педесет години од лудата идеја на Феликс Ванкел, и четириесет години од Mazda Cosmo, првиот сериски автомобил со вграден Ванкел мотор. 

Image-2

Преведувајќи од Јапонски, не успеав да разберам многу. Но, најважните работи околу автомобилите се изразени во универзалниот автомобилски јазик. Така да, новиот Zoom-Zoom спортски автомобил ќе биде напојуван од 1.6 литарски Ванкел мотор, со два ротори и турбо полнач, кој ќе развива доволни 400 коњски сили кои ќе бидат испорачувани на задната оска. Автомобилот, празен ќе има маса од 1300 килограми. Преведувајќи, налетав на една реченица која велеше дека RX-9 ќе забрзува како мотор. Зошто да не? Низ свиоците, со сигурност RX-9 ќе биде многу агилен но и многу забавен. Цената, како што вели јапонскиот сајт, ќе изнесува осум милиони јени или околу 70.000 илјади евра. Подобри перформанси, пониска цена од Supra и Ванкел. Хммм???

Image-3

Image-4

Во една од моите претходни епизоди, пишував за новиот хипер автомобил на Mercedes. Гласините кои кружеа наоколу за овој хипер автомобил беа бомбастични. Но, потврдата од Mercedes, која деновиве стигнува до сите љубители на автомобилите е уште поневеројатна. 

Замислете, возите Mercedes, сериски, легален автомобил кој е придвижуван од истиот агрегат кој го придвижува болидот на Луис Хамилтон. Да, добро читате, мотор од F1. Да бидам појасен, хипер автомобилот на Mercedes, со име R50, кој ќе биде легален автомобил, ќе има хибриден V6 турбо мотор, кој би требало да произведува околу 1300 коњски сили. 

Високо реномираниот Top Gear, излезе со неколку интересни “факти” за новиот  хипер автомобил на AMG. Велат, светилката се вклучила кога Aston Martin и Red Bull го претставија нивниот хипер автомобил базиран на F1 болид. Новиот R50 ќе биде позициониран на монокок (шасија), кој ќе биде изработен од јаглеродни влакна. Во него ќе биде вграден хибриден, V6 турбо мотор од F1, кој развива 700 коњски сили, кој ќе има помош од три додатни електро мотори кои заедно би требало да имаат сила од 600 коњски сили. Главната цел на инженерите од AMG е автомобилот да имаа сооднос еден на еден, или во превод 1300 килограми и 1300 коњски сили. Но, најлудата работа е дека R50 ќе го има системот за читање на биометриски податоци, тој од Maybach 6 што може да препознава каков костум носите на Вас. Од Mercedes велат дека R50 нема да биде толку “тркачки” настроен како AM-RB 001, во што јас лично верувам, затоа што познавајќи ја работата на Mercedes, знам дека ќе направат и “тркачки” настроен модел со ознака “R” или “Black Series”. Како и да е, следната година е роденденот на AMG, и хипер автомобил, е најдобриот  начин да го крунисаат својот успех. Очекувам лудо промо видео со Луис во главната улога. 

Image-5

Image-6

braceeee111
Брацо Моралиќ
- Реклама -