Алмодовар, кој е миленик на фестивалските кругови, веќе има освоено награда за животно дело во Венеција во 2019 година за своите храбри и креативни остварувања на шпански јазик, исполнети со хумор и сатира. Тој исто така има добиено Оскар за најдобар странски филм за своето ремек-дело „Сѐ за мојата мајка“ од 1999 година. Сега, на 74-годишна возраст, тој одлучи да се испроба во снимање филм на англиски јазик, што за него било како научна фантастика.
Говорејќи пред премиерата, Алмодовар истакна дека неговиот филм го нагласува значењето на негата за животот, но исто така ја поддржува идејата дека луѓето треба да имаат право достоинствено да умрат, во време кое самите ќе го изберат. „Ова е филм кој ја поддржува еутаназијата“, рече режисерот, критикувајќи ги земјите како САД каде еутаназијата е незаконска, за разлика од неговата татковина, Шпанија.
Иако многумина предвидуваа победа за „The Room Next Door“, Сребрениот лав донесе изненадување, бидејќи му беше доделен на италијанската режисерка Маура Делперо за нејзината драма „Vermiglio“, сместена во италијанските Алпи за време на Втората светска војна.
Австралијанската актерка Никол Кидман ја доби наградата за најдобра актерка за нејзината ризична улога во еротскиот трилер „Babygirl“, каде толкува директорка која го загрозува и својот професионален и приватен живот преку токсична афера со млад вработен. Кидман беше присутна во Венеција, но не присуствуваше на доделувањето на наградите поради ненадејната смрт на нејзината мајка.
Французинот Винсент Линдон беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во „The Quiet Son“, актуелна драма на француски јазик за семејство растргнато од екстремниот десничарски радикализам.
Патот до Оскарите
Наградата за најдобра режија ја доби американскиот режисер Брејди Корбет за својот тричасовен филм „The Brutalist“, епска приказна за Унгарец кој го преживеал холокаустот и сака да изгради нов живот во САД. Во главната улога настапува Адриен Броди.
Фестивалот традиционално го означува почетокот на сезоната на награди и често носи големи фаворити за Оскарите. Наградата за најдобро сценарио ја освоија Мурило Хаузер и Хеитор Лорега за филмот „I’m Still Here“, кој се занимава со бразилската воена диктатура, додека специјалната награда на жирито ја доби грузиската драма за абортус „April“, режирана од Деа Кулумбегашвили.
Неколку филмови останаа без награди, меѓу кои и „Joker: Folie Deux“ на Тод Филипс, продолжението на оригиналниот „Џокер“ кој освои Златен лав во 2019 година, како и „Queer“ на Лука Гвадањино и биографскиот филм „Maria“ на Пабло Лараин, каде Анџелина Џоли ја толкува оперската дива Марија Калас. И покрај пофалбите од критиката, овие филмови не добија награди.
Претседател на жирито годинава беше француската актерка Изабел Ипер.
Педро Алмодовар: Легенда на филмската сцена
Педро Алмодовар досега има режирано 23 игран филмови, а неговата кариера е обележана со голем број награди и признанија. Покрај Оскарот за „Сѐ за мојата мајка“, тој има добиено уште еден Оскар за најдобро оригинално сценарио за филмот „Зборувај со неа“ од 2002 година. Освен тоа, неговите дела имаат освоено награди на Канскиот и Берлинскиот филмски фестивал. Алмодовар е познат по тоа што неговите филмови нудат длабоки анализи на човечките емоции и взаемните односи, секогаш со силни пораки и впечатливи поенти. Токму овој пристап го прави еден од најзначајните режисери на нашето време.