Тезата дека ЗНАМ е партнер само на ВМРО-ДПМНЕ е наивен популизам, велат од „Вреди“

Не мора да се согласуваме за сите прашања, но мора да се почитуваме со оглед на фактот што сме дел од заедничка Влада, се вели во соопштението на владејачката „Вреди“ насочена кон владиниот партнер – Движењето ЗНАМ

Судирите помеѓу владините коалициски партнери ЗНАМ и „Вреди“ зачестија. Откако вчера лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски го прозва својот владин партнер, велејќи дека погрешно е тие да го имитираат ДУИ, утринава од коалицијата „Вреди“ пристигна соопштение во кое се вели дека тезата која лидерот на ЗНАМ ја соопшти во однос на тоа дека коалициски партнер на ЗНАМ е само ВМРО-ДПМНЕ е наивен популизам и оти гласовите кои коалицијата ги добила од граѓаните на минатите избори не можат да се обезличуваат.

„ВЛЕН доби 107 илјади албански гласови и не може етнички да се обезличува само за движењето ЗНАМ удобно да се чувствува во Владата. Особено што Димитриевски е избран за Градоначалник на Куманово и со Албански гласови и многу добро ја знае важноста од меѓусебното разбирање и почитување. Не сакаме да веруваме дека ЗНАМ сакаат да влезат во кампања за локалните избори со повторувањето на погубното кредо на Тито Петковски од претседателските избори во 1999 – не ни требаат гласовите на Албанците“,

се вели во реакцијата на „Вреди“.

Оттаму велат и дека секој политички субјект има демократско право да си гради идентитет врз основа на сопствените уверувања, но и дека како Влада имаат утврдено и усогласено програмски приоритети и нивна должност е посветено да работат на нивно исполнување.

„Како Во тој контекст апелираме ЗНАМ несвесно да не му тера ќеифови на ДУИ. Нивното криминално раководство посакува тензии на сите полиња. За да се спасат од кривична одговорност за сторената политичка корупција и да го зачуваат нелегално стекнатиот имот сонуваат и за потреси во владејачката коалиција“,

стои во соопштението.

Од „Вреди“ заклучуваат дека коалицијата е создадена како рефлексија на потребата од мнозинството Албанци кои барале нешто спротивно од ДУИ и затоа велат, ќе продолжат да градат автентична политичка доктрина чија обврска е да ги решава проблемите на граѓаните и да обезбеди сигурна иднина за Албанците.

Инаку, вчера, претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски рече дека Демократската унија за интеграции е веќе видена работа и минато, и затоа мисли дека е погрешно коалицијата „Вреди“ да ја имитира ДУИ.

Тој рече и дека граѓаните сакаат да видат политики за економски раст и развој на државата и да живеат во средена држава во која ќе има намалена на корупција, и оти веќе не се оптоваруваат со тоа кој какво знаме ќе вее или, пак, кој ќе биде поголем заложник за исполнување на одредени национални платформи и стратегии.

„Мислам дека нашиот партнер во власта, иако ЗНАМ е партнер со ВМРО-ДПМНЕ во оваа власт и во ниту еден момент ние немаме како политичка партија разговарано за каква било коалиција или заемна поддршка на централно ниво, сепак, тие се партнер на нашиот партнер, го почитуваме тоа, но, ќе мора да направат корекција на самите себеси“,

рече Димитриевски.

Претходно, камен на сопнување помеѓу двата коалициони партнери беше употребата на албанското знаме во просториите на Владата од страна на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, како и за новиот начин на користење на алатката балансер.

- Реклама -