Четвртокот вечерта, 40-годишен маж со темна кадрава коса, со потемна боја на кожата и со егзотичен акцент се качи на авион на American Airlines. Летот 3950 требаше да прелета куса дестинација, од Филаделфија, до соседниот град Сиракуза.
Бушавиот маж се труди да не привлекува внимание. Напнат и по малку возбуден, запишува некакви ствари во нотесот кој го носи со себе на авионот.
Сопатничката до него е млада жена на околу 30 години, облечена во „Јапонки“ и со црвена чанта за пазарување. Се загледува во мажот; тој е облечен во темно-сини Дизел фармерки и носи џемпер Lacoste, но сепак, има нешто чудно во него.
Жената решава да почне муабет:
„Во Сиракуза ли живеете?“, прашува.
„Не“, ладно одговара сопатникот.
Такви му се реакциите и на сите следни прашања. Навидум тој е целосно фокусиран во својата работа и запишувајќи некакви непрепознатливи симболи на хартијата.
Откако не успева да започне разговор, жената почнува да чита книга… Поточно, да се преправа дека чита. Малку откако сите патници се качуваат на авионот, таа повикува една од стјуардесите и тајно и подава некаква напишана белешка.
…Чекањето трае исклучително долго. Авионот стои на пистата веќе скоро половина час и не полетува. Тогаш стјуардесата одново се приближува до русокосата и ја прашува дали веќе се чувствува подобро или уште „ѝ е многу лошо“. „Океј сум, може да полетаме“, одговара жената, но по сé се чини не изгледа доволно убедливо. Летот 3950 останува приземјен.
Одеднаш, без некаква причина, авионот врти полукружно и се насочува кон портата на летиштето. Жената е симната од авионот во најбрз можен рок. Преку Интерком, член од авионскиот екипаж им соопштува на патниците некаква не баш логична причина за застојот. Човекот со нотесот и понатаму останува занесен, а сега не ни може да се сети што точно било објаснувањето.
Чекањето продолжува…
Конечно, пилотот на авионот излегува од кабината и се приближува до странецот со кадравата коса. Тој е поканет да се симне од авионот, а надвор го чека некаков агент, кој не се ни мачи да се претстави која од службите за безбедност ја претставува.
„Што знаете за сопатничката?“, прашува агентот.
„Па, однесувањето ѝ беше малку чудно, но на прв поглед не изгледаше како да е болна“, одговара мажот со неговиот чуден акцент.
Притоа, тој е убеден дека веројатно аеродромската служба се обидува да открие од што боледува жената и дека затоа го испрашуваат токму него. Но, веќе во следниот миг, агентот му соопштува дека со неа е сé во ред, но дека таа „рекла нешто“ затоа што „видела нешто“ (од американското „When I see something, I say something“ што повикува на граѓанска будност и преземање на конкретна акција кога тоа е потребно). Во продолжение му објаснува дека вниманието на жената го привлекле неговите загадочни записи, со знаци и симболи кои таа не ги препознавала.
Можеби се некакви шифрирани шпиунски пораки? Можеби е скриен план за преземање на авионот? Можеби е нацрт за бомбата што треба да експлодира и да ги убие десетиците недолжни патници на летот 3950? Сеедно, жената се почувствувала должна да го предупреди екипажот и просто да им посочи да бидат внимателни.
И така, агентот љубезно му соопштува на човекот дека е осомничен за тероризам. Човеков почнува да се смее. Се смее зашто записите не му се ниту на арапски, ниту некакви вонземски симболи, ниту било каков шифриран јазик. Не се ни некаков таен терористички код. Пишаното во неговиот нотес, всушност, е математика; попрецизно – диференцијални равенки.
Човекот се смее и затоа што би било доволно било кој од овие луѓе, пред да се реши да го одложи летот, да го пребара неговото име на Гугл, за да сфати дека тој – Гвидо Мензио – е младиот, но одличен економист, кој предава на дел од престижните универзитети во САД. Тој е најпознат по неговата разработка на теоријата на побарувачката, благодарение на која се здобива со позиција на почесен професор на универзитетот во Пенсилванија, а предавања држи и на Принстон и на Стенфорд. Гугл ќе покаже и дека во 2015-та тој е награден со престижниот медал „Карло Алберто“, кој се доделува на најдобриот италијански економист на возраст под 40 години.
Да, се смее затоа што не е ни Арап, а ниту било кој и да е друг етнос што важи за дежурен терорист што се мота по авионите., туку е Италијанец со италијански пасош, иако местото на живеење му е САД.
По планот, Мензио требаше да одлета до Онтарио, попатно застанувајќи во Сиракуза. Во Онтарио е поканет да предава пред студентите од локалниот универзитет. Љубопитната сопатничка и „добра граѓанка“ го шпиунира додека математичаров се обидува да реши проблем поврзан со карактеристиките на моделот на образување на цените, за кој треба да зборува пред аудиториумот во Торонто. Ама неговата сопатничка не разликува арапски од диференцијални равенки.
Откако Мензио ги покажува своите пресметки на агентите, ослободен е да се врати на своето место во авионот. Како што кажа самиот, пилотот на авионот пропаѓал во земја од срам. Многу набрзо, авионот полетува. Во Сиракуза пристигнува со два часа доцнење, за разлика од предвидените 41 минута, колку што ќе траеше летот ако сé се одвиваше нормално.
Кејси Нортон – претставник на American Airlines, за Вашингтон Пост рече дека патничката првично навистина се пожалила дека не ѝ е добро, а дури кога излегла од авионот признала дека вистинската причина е човекот со белешките што седел до неа. Во меѓувреме побарала да биде префрлена на друг лет, одбивајќи да се врати во истиот авион, а екипажот го повикал службеникот од обезбедувањето, кој подоцна го испрашува Мензио и утврдува дека тој „не претставува закана“.
Заради заштита на личните податоци, авиокомпанијата нема право да го соопшти името на плавушата, а Мензио само бледо ѝ го памети ликот. Нејзиниот идентитет ќе остане мистерија, а со тоа и поштеден од заслужениот сеир.
На прашањето колку често се случува клиентите на авиокомпанијата да реагираат на лажни сигнали, Нортон одговара: „Се случува од време на време“ – одговор што со оглед на ситуацијата, јасно покажува дека се случува повеќе отколку што треба.
Гвидо Мензио, пак, е задоволен од почитта со која служителите на компанијата и аеродромот се однесувале кон него. Сепак, тој е потресен и разочаран од „нефункционалниот систем, кој очигледно не собира информации на ефикасен начин“. Тој вели дека го загрижува неписменоста на сопатничката, како и мерките за безбедност кои се толку стегнати што системот доживува потполн застој и при секаков „банален сигнал и смешна информација од страна на луѓе кои всушност појма немаат што се случува“…
Сигурно е страшно глупо чувството да си типот што го испосра авионот, ама па и да си плавушата што не знае како изгледа математичка равенка не е многу поарно.