Патеката е поставена на Широк сокак, кој е под заштита како културно наследство од особено значење, за што се отстранети старите гранитни плочки, а на нивно место се поставени нови со изгравирани ѕвезди и имиња на досегашните лауреати на фестивалот
Имињата на осумнаесет лауреати што изминатите години добија награда за животно дело на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ се изгравирани на ѕвезди и поставени на „Патека на славните“, која денеска е отворена на Широк сокак во Битола.
За оваа патека, како што објави ТВ Телма, нема одобрение за градба, а нема ниту одобрение од Управата за заштита на културното наследство.
Патеката е поставена на Широк сокак, кој е под заштита како културно наследство од особено значење, за што се отстранети старите гранитни плочки, а на нивно место се поставени нови со изгравирани ѕвезди и имиња на досегашните лауреати на фестивалот.
Неколку дена претходно, директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски пред Советот на Општина Битола рече дека е направен пропуст, како и дека е поднесено барање до Управата за заштита на културното наследство. Но, побара плочките да останат додека трае манифестацијата.
„Дајте сега тоа да го поминеме. Ние ќе ја тераме постапката, па ако рече Управата за заштита на културното наследство дека не е во ред, ќе ги вадиме. Не сакам да го кршам законот. Тие ќе ги извадиме и ќе ставиме нови плочки. Ако има начин тоа да го коригираме сега, јас апелирам да го искоригираме ако има вистинска добра намера тие да останат. Па, сите заедно да одиме во Управата и да ги молиме“,
рече Дамевски.
Според советниците, законот е прекршен и посочија дека некој го донел во заблуда директорот на фестивалот, зашто „Патеката на славните“ е поставена само со заклучок на Комисијата за јавни и комунални дејности.
Според изјавата на Анастасија Трајковска, архитект и член на Советот на Општина Битола, како што пренесува ТВ Телма, законските процедури ги водат други институции надвор од Советот, но без нивна согласност и согласност на Управата за заштита на културното наследство смета дека патеката е бесправно направена.
Од Управата за заштита на културното наследство велат дека ќе извршат инспекциски надзор, од кој ќе се знае дали со поставената патека е предизвикана штета на културното наследство.
Ѕвездите од „Патеката на славните“ се изработени од месинг со изгравирано име на кинематограферите и вградени во плоча од мермер од киното „Манаки“, покрај куќата во која живееле браќата Манаки, па сè до Офицерскиот дом.
На првата ѕвезда се врежани имињата на кинематограферите Милтон и Јанаки Манаки.
Четириесет и петтото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ беше отворено вчеравечер, а завршува на 27 септември.