Апелација ќе ве одбие Врховен ќе ве ослободи – вака според итaлијанскиот весник Ла Верита кој ja објави аудио снимката, осомничениот во Рекет, Боки 13 му се обраќа на бизнисменот Орце Камчев. Во разговорот Јовановски кажува дека Јанева нема да поднесе вонреден правен лек против одлуката на Врховен.
Транскрипт од разговорот:
Боки 13: Во понеделник ќе ве ослободат.
Камчев: Добро.
Боки 13: Вторник најкасно веројатно. Врховен ќе ве ослободи.
Камчев: Врховен, не може да дојде до врховен до понеделник.
Боки 13: Да, тогаш ќе дојде. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби.
Камчев: А Апелација?
Боки 13: Па Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни. Врховен се жалите, како втор степен. Начелното правно лице и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го продолжува, да го одолговлекува, понеделник вторник, вие сте на слобода.
Но нејасно е дали разговорот објавен од итaлијанскиот весник е направен во ист ден кога е снимено видеото во домот на Камчев, бидејки бидејки датумот впишан на видеото е 20 феврауари. Апелација навистина го одби Камчев, односно му го продолжи домашниот притвор но тоа се случи претходно, на 07 февруари. Според аудио снимката, Јовановски вели дека Врховен ќе му го укине притворот во понеделник, најдоцна вторник.
Врховен го укинва притворот 4-ти март, втор понедленик по датумот 20 февруари. Вонреден правен лек на ваквата одлука СЈО не поднело велат од Врховен.
Но она што е клучно за Империја и ваквата одлука на Врховен е начелното правно мислење кое највисокиот суд го донесе на 30ти јануари еден месец пред укинувањето на притоворот и три недели пред видео снимката.
Судии на општа седница со големо мнозинство изгласуваат дека по СЈО по 30-ти јуни 2017 не е овластен тужител и не може да води истраги и да подигнува обвиненија и со тоа испрати порака дека предметите отворени по рокот од 18 месеци кога ќе дојдат на врховен ќе наидат на пречка.
Обвинителката Лиле Стефанова која ја водеше истрагата за Империја вели дека е вознемирена од тоа што го слушнала на снимката.
Со денови се зборува за таа снимка но сега кога ја слушнав се згрозив. Не можам да поверувам дека главните актери на снимката си дозволиле да разменуваат милиони евра во име и на сметка на СЈО. Очекувам сериозна истрага за да се утврди улогата не само за Катица Јанева туку и за на сите вработени во СЈО вклучувајки ме и мене. Очекувам да се истражи кој што направил и како направил и дали земал некои пари. Не сакам повеќе да коментирам јавно за да не и наштетам на истрагата ќе соработувам со обивнителството за организиран криминал, – вели Стефанова.
Јанева не одговара на телефонските повици на Телма. Институцијата што се уште ја предводи се огласи со став дека аудио разговорот недвосмислено потврдува дека нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите кои што СЈО ги дало за Империја.
Потсетуваат дека од Апелација барале на Камчев да му се продолжи притворот а потоа до Врховен доставиле мислење дека не треба да се прифаќа неговата жалба.
Наспроти сите мислења дадени од страна на ова Јавно обвинителство да не се укинат мерките притвор за овие лица, Врховниот суд одлучи спротивно на тие мислења. Се надеваме дека ова појаснување ќе ги запре сите шпекулации за поврзаноста на ова Јавно обвинителство со случајот „Рекет“ – велат од СЈО.
Претседателот на Врховен, Јово Вангеловски, во телефонски разговор за Телма вели дека адресата за коментар на снимката не треба да биде највисокиот суд, бидејки откако го донеселе начелното правно мислење било логично да им ги укинат домашните притвори на осомничените во Империја. Но Вангеловски прашува зошто СЈО не поднело вонреден правен лек односно, да бара заштита на законитоста ако било незадоволно од нивната одлука за Империја.
Последната одлука во мај годинава за империја која предизвика бура од реакции е тоа што СЈо дало зелено светло за Камчев да си го добие пасошот назад на 6 месеци а СЈО даде позитивно мислење за тоа .
Елена Ивановска Мукоска