Техеран ги предупреди заливските земји на „соодветен одговор“ ако дозволат напади врз Иран од нивна територија или воздушен простор

Техеран им порача на арапските држави во Персиски Залив дека е неприфатливо да дозволат користење на нивниот воздушен простор или воени бази против Иран, изјави неименуван висок ирански претставник.

– Иран јасно стави до знаење дека секоја акција на која било земја од Персиски Залив против Техеран, со употреба на воздушниот простор или воените бази, Техеран ќе го смета за акција преземена од целата група и соодветно ќе одговори, посочи иранскиот функционер.

Тој додаде дека „во пораката е нагласена потребата за регионално единство против Израел и важноста за осигурување на стабилност.

Израел минатата недела најави дека можно е, како одмазда, да ги нападна иранските погони за производство на нафта.

Прочитајте и:  Хамнеи: Апсење не е доволно, треба смртна казна за израелските лидери

Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), која де факто е раководена од Саудиска Арабија, има доволно слободни нафтени капацитети за да ги компензира евентуалните ирански загуби.

Саудиска Арабија е најголем извозник на нафта, а изминатите години ги подобри односите со Иран, што доведе до намалување на регионалните тензии.

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи денеска ќе ја посети Саудиска Арабија.

Во Персискиот Залив има осум држави – Бахреин, Иран, Ирак, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати. Американски бази и војници има во Бахреин, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија и ОАЕ.

- Реклама -