На почетокот од моето директорување во Драмски, едно сабајле во канцеларијата ми влезе чичко Саво, во Скопје познат како Саво Педерот. Над 80 години, ама витален, жилет. Господин човек, со светски манири. Људина. Години бил шминкер во Драмски, а потоа го држел и театарското бифе.
Познавач на театарот. Важен штраф од убавиот амбиент во најславните години на Драмски. Немало кој не го знае од педерските лобија по светот. Тоа сите го знаат. Борец за семејството дотука бидува. Бараше помош за многу близок во семејството. Му реков заедно ќе пробаме да помогнеме.
Нејсе, ми се пожали дека сака да биде дел од секоја премиера на Драмски, но години никој не му правел чест да го кани. Станав, ја викнав Данче, исто легенда, која беше струја во тој дел, пиар, публика, протокол и реков одма да го стави во протоколот за премиери. Почна да плаче. Доаѓаше на секоја премиера, во тегет сако и лептир машна. По премиерите, освен една, која не му се допадна и ми кажа, трчаше по глумците и глумиците им честиташе, а следниот ден доаѓаше во театар и зборуваше за претставата.
Некогаш ќе го чепнев да збори за анегдотите од неговиот исполнет живот. Зборуваше, милина да го слушаш.
Не е ова епитаф, чичко Саво за среќа уште е жив, само да знаете, никогаш нема да се навреди ако му се обратите со Саво Педерот. За него, вие кои скокате навредени од зборот педер, сте најобични лажни либерали, кои никад нема да станат господа со благороднички манири.Чичко Саво е за вас величина. Да ни поживееш величино уште многу години.