Коалицијата „Вреди“, според Арбен Таравари, е најдобра гаранција за тоа дека земјата ќе го продолжи европскиот пат. Впрочем, посочува тој, и во првата декларација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ постоеле три точки – европски пат, брз економски развој и борба против криминал и корупција и правна држава.
Таравари, во гостувањето на Канал 5, рече дека „не би сакал да се повтори 2008 година“ и „ако постои стратегија 2028 година Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора да влезат во пакет, тоа веќе е причина со која ние би требало одредени работи набрзина да ги смениме“.
– Гарантирам дека ќе има модалитети кои ќе бидат прифатливи и за двете страни. И за Скопје и за Софија и во тоа сум многу сигурен, меѓутоа за тоа кои се опциите, сигурно идниот премиер ќе ги каже. Меѓутоа, ви велам се работи на тоа интензивно, изјави Таравари.
Прашан дали има разговарано со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за уставните измени, актуелниот градоначалникот на Гостивар од Алијанса за Албанците, Таравари рече „нормално“, нагласувајќи дека не е коректно тој да каже за какво решение, туку тоа треба да го соопшти идниот мандатар или премиер.
– Работиме од повеќе аспекти. Јас сум оптимист дека ќе се изнајде решение. Ќе имаме помош и од невладини организации и од луѓе што ќе сакаат да помагаат на Македонија, се со цел да се движиме и да се движиме и да ги започнеме преговорите, бидејќи тоа е за доброто на граѓаните, изјави Таравари.
Како нова влада со стабилно мнозинство, според Таравари сега е моментот да се работат и реформи, и борба против криминал и корупција, и правна држава и да се обиде да се најде решение и да се направат одредени уставни промени.
– Бројките тука се сега 80, само ни треба решение кое што ќе биде прифатливо за Бугарија и за Македонија и веднаш може да се реши проблемот. Јас сум оптимист дека конечно Албанија и Македонија ќе продолжат заедно и да ги започнат преговорите, изјави Таравари.
Таравари, исто така, изрази очекување дека ДУИ ќе биде конструктивна опозиција и ќе направи „мирна транзиција“.
Прашан за тоа дали ќе биде министер за здравство, Таравари рече дека во следните неколку денови ќе одлучи дали ќе ја прифати функцијата министер за здравство.