„Став на ‘Влен’ е дека првите шест месеци се за адаптирање и синхронизација на Владата и дека ни треба период додека да се види ситуацијата и во околните држави, конкретно во Бугарија има избори, па да очекуваме стабилна влада евентуално, иако сум скептик. Меѓутоа, после тоа треба да имаме акциски план и да знаеме како ќе се реши тоа и што ќе се направи. Јас сум оптимист, до Нова година се шест месеци на Владата, јас сум оптимист“, вели еден од лидерите на „Вреди“ и министер Арбен Таравари
Северна Македонија многу скоро ќе го отвори првиот кластер со Европската Унија, оптимист е министерот за здравство и еден од лидерите на „Вреди“, Арбен Таравари, во интервју за „360 степени“ на МРТ1. На прашањето на што се темели зголемениот оптимизам за ЕУ на премиерот Христијан Мицкоски, особено по неодамнешниот самит во рамките на Берлинскиот процес, Таравари вели дека имале краток разговор на таа тема, но деталите остава да ги соопшти премиерот.
Таравари: Она што ме радува е дека тој е европски ориентиран и сака Македонија да ги започне преговорите што поскоро, меѓутоа, секако, како премиер бара некакви гаранции да немаме и други пречки. Ни се случува како држава од 2018 година да ни се ветува дека ги започнуваме преговорите, да направиме одредени попуштања како држава и пак да не ги започнеме. Јас сум меѓу ретките оптимисти и продолжувам да мислам дека Македонија многу скоро ќе ги започне преговорите со ЕУ.
„360 степени“: Меѓу ретките оптимисти во Владата?!
Таравари: Не, во државата. Оти гледам сè повеќе луѓе кои се појавуваат – аналитичари и политичари, посебно од опозицијата, кои нонстоп кажуваат дека нема шанси, дека сè е завршено. Јас продолжувам да бидам оптимист дека Македонија многу скоро ќе ги започне преговорите.
На прашањето колку станува збор за купување време и обид да се амортизира ударот од тоа што Албанија исчекори, а земјава не, Таравари одговара дека има шанси преговорите со ЕУ да течат паралелно, иако Албанија е чекор пред Северна Македонија.
„Не е добро што се одделивме, меѓутоа добро е што тие започнаа. Не мора Албанија да остане со нас, иако јас мислам дека пречката за Албанија беше вештачка. Ги држеа додека да завршат изборите тука. Премиерот Рама беше многу коректен во однос на Македонија, дека навистина и Македонија заслужува да ги започне преговорите. На времето беше и лидер, дури од 2008 година има позитивни препораки од ЕУ и секогаш се изнаоѓа пречка. Сепак, мислам дека не е купување време, се бара моментум, се бара и некаква гаранција за државата и да ги започнеме преговорите. Се надевам дека со Албанија паралелно ќе течат преговорите, многу сум оптимист во ова и сè уште мислам дека сите држави на Западен Балкан истовремено ќе се зачленат во ЕУ“,
порача Таравари.
За рокот од шест месеци во кој од „Вреди“ очекуваат владин план за надминување на ќор-сокакот, Таравари вели дека е оптимист додавајќи дека посочениот период изминува кон крајот на годината.
„Став на ‘Влен’ е дека првите шест месеци се за адаптирање и синхронизација на Владата и дека ни треба период додека да се види ситуацијата и во околните држави, конкретно во Бугарија има избори, па да очекуваме стабилна влада евентуално, иако сум скептик. Меѓутоа, после тоа треба да имаме акциски план и да знаеме како тоа ќе се реши и што ќе се направи. Јас сум оптимист, до Нова година се шест месеци на Владата, јас сум оптимист, камо среќа и да започнеме со процедурата на преговорите со ЕУ“,
додаде Таравари.
Во однос на тоа колку ќе влијае тајмингот на локалните избори следната година, Таравари вели дека е можно да има влијание, но поважно според него е државата да ги започне преговорите.
Таравари: Да имаме пристапни фондови со кои може да има инвестиции, да има инфраструктурни проекти кои ќе ѝ помогнат објективно на државата, отколку неколку проценти што може да се изгуби во поддршката од граѓаните, посебно зборувам за македонските партии. Меѓутоа, имајќи предвид што се случува со македонската опозиција, мислам дека ВМРО-ДПМНЕ е во огромна предност, што за демократијата не е добро, треба да има силна опозиција за да има силна влада.
„360 степени“: Како ‘Влен’ можете да одите на избори со блокиран пристапен процес кон ЕУ?
Таравараи: Не, воопшто не е добро за нас, за ‘Влен’ да оди на избори без да има некакво решение за европското патување на Македонија.