„Доколку не веруваат на извештајот, нека си направат свој, меѓутоа, дека има одреденни пропусти, лекарски, има“, вели министерот
Министерот за здравство Арбен Таравари очекува кај менаџментот на Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ да се разбуди свеста и да бидат преземени чекори за случајот со починатото 14-месечно бебе.
Таравари вели дека со правната екипа во министерството ќе имаат разгледано сите можности што на нив им се на располагање.
„Ќе дадеме се што треба официјално до Лекарска комора, таму има етичка комисија што треба да одлучува. Наши препораки ќе има, извештајот е тука. Доколку не веруваат на извештајот, нека си направат свој, меѓутоа, дека има одреденни пропусти, лекарски, има“,
рече Таравари во одговор на новинарско прашање при неговата денешна посета на Клиниката за онкологија.
За временото отстанување од работа на двајца доктори од Детската клиника, Таравари вели дека таа одлука е добра и оти се надева дека ќе се разбуди совеста и кај менаџментот на болницата во Козле.
Тој смета дека добро би било сите заедно да дадат одреден сигнал до граѓаните да почнуваат да веруваат во системот.
Во петокот директорот на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, Реџеп Мемеди околу случајот со смртта на 14-месечното бебе, донесе решение за времено отстранување на двајца здравствени работници – доктори специјалисти од здравствената установа, за кои се води дисциплинска постапка, согласно член 192 став 2 од Законот за здравствена заштита, до донесување на конечно решение во дисциплинската постапка.
По смртта на 14-месечното бебе, комисија направи стручен надзор во Клиниката за детски болести и Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“, при што беа констатирани системски, технички и стручни недостатоци во овој случај.
Од аспект на стручните забелешки, според Таравари, констатиран е превид во проценката за потреба од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката за детски болести извршен на 3 октомври годинава. Во „Козле“, пак, е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните тешкотии и третманот.
Извештајот од комисијата е испратен до двете клиники, а вчера министерот Тарвари рече дека нема поднесено ниту една жалба од установите.
Тој рече дека очекува директорите на клиниките да преземат соодветни мерки за докторите што направиле превид.
За себе рече дека не е ниту судија, ниту обвинител за тој да бара одговорност од медицинските лица и тоа им го остави на директорите.
Извештајот за извршениот надзвор во клиниките го доби и Лекарската комора.
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора вчера одржала седница на која го разгледала овој извештај и дала мислење. Тие информираа дека Лекарската комора нема законска можност самоиницијативно да утврди индивидуална одговорност кај докторите и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај од Министерството за здравство за случајот со починатото 14-месечно бебе на Детската клиника во Скопје.