Претседателот на Алијанса за Албанците (АА) и градоначалник на Гостивар – Арбен Таравари, денеска објави дека ќе биде кандидат за претседател на државата.
Неговата кандидатура, како што рече, е предлог на Претседателството на АА, со поддршка од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП), а на инсистирање и на негови пријатели.
„Предлогот е од пред еден месец, инсистирањето беше од пријатели, другари, истомисленици, седнавме со партиите од опозицијата – сега сме веќе заедничка албанска опозиција, во сабота ќе го официјализираме ова – и дојдовме до констатација дека најдобро би било јас да се кандидирам за претседател. Јас одлучив доцна синоќа да се кандидирам“, рече Таравари на заедничката прес-конференција во Гостивар, на која присуствуваа лидерите на трите партии од ЕСП – Изет Меџити на Демократско движење, Африм Гаши на Алтернатива и Билал Касами на Движење Беса.
Таравари истакна дека „привилегија е да се има доверба од толку многу фактори“ и оцени дека дошло време државата да има претседател Албанец, „не технички туку вистински“. Имаме можност, вели, диверзитетот во нашата земја да го претвориме во уметност на соживот и хармонија.
Toj најави дека ќе побара поддршка од сите политички партии што сметаат дека тој е човекот што треба да ја предводи државата во следните пет години, вклучително и од невладините организации, а пред сè ќе ја бара од народот бидејќи народот, како што рече, му е најважен.
Посочи дека ќе се кандидира со доставување на 10.000 потписи, бидејќи, како што кажа, немаат доволно пратеници за поддршка.
„Мораме со потписи бидејќи немаме доволен број на пратеници. Се надевам наскоро, кога ќе започнат и законските рокови и за ден-два да ги собереме потребните десет илјади потписи“, рече тој.
Прашан каква кампања ќе води и што очекува од противкандидатите, тој напомена дека „европска кампања е единствена алтернатива за земјава“.
„Ние влеговме во оваа трка и подготвени сме да се соочуваме со сите противкандидати. Почит кон секој што ќе се кандидира. Верувам дека ќе имаме европска кампања. Да го кажеме тоа за што се обврзуваме сите веќе подолг период. Несомнено дека единствена алтернатива за Северна Македонија е европскиот пат. Правиме политичка трка и кој ќе победи ќе си честитаме еден на друг друг“, рече тој.
Напомена дека нема да биде носител на листа за кандидати за пратеници иако и тоа му било понудено на последниот состанок од коалицијата на опозицискиот албански блок на партии. Фокусот, вели, е на вториот круг на претседателските избори.
„Не можам да бидам и кандидат за претседател и носител на листата. Да бидам искрен, Биљал Касами од Беса беше коректен во преговорите и понуди да избереме што сакаме, како и сите други партии од нашата коалиција. Заедно анализиравме и донесовме заклучок дека сепак многу ни е поважен 24 април, кога ние сигурно ќе одиме во вториот круг на претседателските избори“, оцени тој.
Околу наредните чекори за предизборните коалицирања и договори, Таравари посочи дека има партнери со коишто веќе во сабота ќе постигнат конечен договор и како што потенцира, ќе извојуваат долгоочекувана промена во албанскиот политички блок.
Инаку тој, како што рече, ќе продолжи да ја извршува градоначалничката функција „додека не биде избран за претседател“.