Таравари по изјавата на Снопче: Треба почесто да се консултираме и синхронизираме со владините партнери

Според министерот за здравство, реакцијата на пратеникот Халил Снопче во врска со законот за бранители била како што треба, но се надева дека владиното мнозинство ќе има координација за надминување на овој, како што рече, ситен проблем, за кој прстот го впери во СДСМ и ДУИ оценувајќи дека се координирани „да подметнуваат искри во владејачката коалиција“

Односите меѓу владините партнери се коректни, Владата ќе продолжи да функционира, но потребна е почеста консултација и синхронизација меѓу партиите во власта, смета министерот за здравство Арбен Таравари кој е дел од коалицијата „Вреди“.

Арбен Таравари, министер за здравство и дел од коалицијата „Вреди“

Изјавата која тој ја даде од Њујорк, каде што учествува на 79. Генералното собрание на ОН, се однесува на последната изјава на пратеникот Халил Снопче, кој рече дека „Вреди“ ќе излезе од владината коалиција ако се изгласа законот за бранители. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, на ова прокоментира: „Нека му е со среќа“.

„Односите помеѓу ‘Вреди’ и ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам, дека се доста коректни. На ниво на претседатели на партии. Нормално и ‘Вреди’ и ВМРО-ДПМНЕ имаат партиски структури. Можеби имало некаде и некое помало недоразбирање што не можам да кажам истото и за ЗНАМ и за ‘Вреди’. Меѓутоа, односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се ‘Вреди’ и ЗНАМ се коректни и ние се обидувавме да бидеме што посинхронизирани овие сто дена, меѓутоа некаде имало недоразбирања, некаде имало испади кои не биле координирани како што треба, затоа треба време за да се синхронизираме тотално и комплетно и тоа да се види и кај граѓаните“,

изјави министерот за здравство од Њујорк.

Според Таравари, реакцијата на Снопче во врска со законот за бранители била како што треба, но се надева дека владиното мнозинство ќе има координација за надминување на овој, како што рече, ситен проблем, за кој прстот го впери во СДСМ и ДУИ оценувајќи дека се координирани „да подметнуваат искри во владејачката коалиција“.

„Генерално, мислам дека кога нешто планираме да донесеме како Влада треба да бидеме синхронизирани и известени едни од други, така што и реакцијата на господинот Снопче беше во овој правец. Значи ние не сме известени, ние начелно сме против нешто да помине без да бидеме договорени меѓу нас. Реакцијата на Снопче беше како што треба и се надевам дека ќе имаме координација меѓу нас и ќе го поминеме и овој, да речам, ситен проблем што ДУИ се обидува заедно со СДСМ. Мислам дека се координирани да ставаат, да подметнуваат искри во функционирањето на коалицијата во владејачкото мнозинство“,

рече Таравари.  

Пратеникот Халил Снопче завчера во телевизиско гостување изјави дека доколку се укине Законот за употреба на јазиците, но и ако се изгласа законот за бранителите, коалицијата „Вреди“ ќе ја напушти Владата.

Прашан за коментар на изјавата на Снопче, премиерот Христијан Мицкоски кусо рече: „Нека му е со среќа“.

- Реклама -