Таравари: Османи е автор на планот за деескалација на северот на Косово што го одби косовската влада

Арбен Таравари од Коалицијата ВРЕДИ го обвини Бујар Османи од ДУИ, неговиот противкандидат на претстојните претседателски избори, дека е автор на планот за деескалација на северот на Косово изработен во јуни 2023 година кој не беше прифатен и спроведен од косовската влада. Тоа, како што кажа на денешната прес-конференција, го потврдил и самиот Османи во интервју за косовска телевизија дадено завчера во кое посочил дека неговиот план донел мир.

-Вчера доживеав шок кога ја видов официјалната реакција од Владата во Приштина во која беше елаборирано дека авторот на планот од девет точки на ОБСЕ за деескалација и нормализација на северот на Косово всушност бил лично Бујар Османи како претседавач на оваа организација. Авторството на овој план кој во тоа време беше целосно антипод на ситуацијата и интересите на Косово, односно Албанците го потврди и господинот Османи, намерно или ненамерно, во едно интервју завчера во Косово, рече Таравари.

Нагласи дека поради планот имаше големи притисоци врз Косово и праша како може план кој беше целосно отфрлен од косовските власти да донесе мир.

-Во планот Бујар Османи предложи Косово да ја повлече специјалната полиција од северот на државата. За безбедноста на теренот тој предложил одговорна да биде редовната полиција со помош на КФОР и ЕУЛЕКС, а четворицата градоначалници Албанци легално избрани по бојкотот на изборите од тамошните Срби да поднесат оставка во летото 2023 година, што беше официјално барање и на официјален Белград, појасни Таравари.

Побара од Османи да и објасни на јавноста зошто побарал специјалната полиција да си замине од северот на Косово, а да остане само обичната полиција.

-Османи синоќа изјавил дека јас немам информации за начинот на усвојување на неговиот штетен план. Вистина е дека јас не сум претседавал со ОБСЕ, но јас не се ракував со Лавров, Вучиќ и Дачиќ, ниту ги посвоив нивните барања, потенцира Таравари.

Прашан дали како претседателски кандидат има план и визија како да се задржи безбедноста на државава и на македонските граѓани, Таравари рече дека тоа е предвидено во неговата програма која е поставена на официјалната веб страница на четири јазици –македонски, албански, турски и англиски јазик.

Прочитајте и:  (ВИДЕО) Кои се пријателите на ВМРО-ДПМНЕ Кои се пријателите на Доналд Трамп?

-Еден од главните столбови на таа програма е сигурноста и безбедноста на државата, посочи Таравари.

Лидерот на БЕСА Биљал Касами во одговор на новинарско прашање рече дека Коалицијата е подготвена да разговара за укинување на балансерот само во случај доколку се понуди подобро решение за застапеноста на сите етнички заедници во сите институции.

-Ако се мисли дека сите немакедонци се неквалификувани за држава администрација, тоа е неприфатливо. Ако се бара во делот на застапеноста да биде ставен и квалитетот на луѓето кои ќе бидат вработени ние сме подготвени да разговараме да најдеме решение кое ќе го има во предвид и мерит системот, рече Касами.

Изет Меџити од Демократското движење, пак, во одговор на новинарско прашање посочи дека Османи со тврдењето дека услов за спроведување на уставните измени е влада за национален спас во која ќе влезат сите политички партии сака само да го спаси ДУИ од одговорност.

-Во изминатите години ДУИ и Османи постојано зборуваа за уставни измени за евроинтеграции, но се случуваше секојдневна злоупотреба на европското знаменце за други девијации за кои имаше реакции од европските власти и од европските амбасадори. Цело време зборуваа за уставни измени, а нив цел им е да бидат дел од секоја влада за да се спасат од криминалните скандали за кои треба да поднесат отчет и да имаат одговорност. Тие не мислат за иднината на граѓаните, туку како да се спасат од одговорност, рече Меџити.

Нагласи дека нивен приоритет се евроинтеграциите, но во вистинска смисла и додаде дека Коалицијата ВРЕДИ се сигурен гарант за уставните измени кои им се топ приоритет и првото нешто за кое ќе разговараат и преговараат со другите со кои треба да ја формираат идната влада.

- Реклама -