Таравари: Наскоро нов тендер за набавка на компресорски систем за Клинички центар

На последната седница на Владата помина информацијата за компресорската станица во Клинички центар, обврската за набавка ќе ја преземе Министерството за здравство. Се надевам дека што поскоро ќе започне процедурата, ќе се средат сите проблеми што ги имаме со хируршките сали на Хирургија коишто ни се наследени, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари по увидот во градежните активности за изградба на нов здравствен дом во општина Илинден..

-Ќе одиме преку јавна набавка да биде што потранспарентно и бараме рокови што поскоро да завршат. Ќе ставиме можеби услов тоа да заврши за три до четири месеци максимум, рече Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.

Прашан дали е оптимист дека овој пат ќе се најде заинтересиран економски оператор, бидејќи претходниот тендер беше неуспешен, а станува збор за сума од околу половина милион евра, Таравари вели не може да предвиди дали ќе се јави некој, но и оти овој проблем не треба да се одолговлекува па не исклучува и директно договарање.

-Затоа презедовме како Министерство нешто што не е наша обврска се со цел да ја завршиме што побргу. Меѓутоа, не можам да кажам со сигурност дека ќе се пријави или нема да се пријави. Ако не се пријави тогаш ќе одиме на опција да побараме некој којшто може да го работи и да се договориме директно Министерството со изведувачот, појаснува Таравари.

За тоа дали конечно треба да се преструктуира работата на заеднички служби зошто како една од причините за неуспехот на тендерот се посочува и недовербата и неплаќањето на оваа институција кон нивните должници, министерот за здравство посочува дека директорот на Заеднички служби се именува од Владата, но оти тој секако ќе предложи реорганизација на Клинички.

 

– Па секако. Ние секако ќе имаме нова реорганизација на Клиничка центар. Јас чекам прво советодавно тело да направам во Министерството кое што ќе биде одговорно меѓу другото и за новиот закон за здравствена заштита и за стратегијата за здравство во нашата држава. Ќе видиме, ќе планираме каде и како би го реорганизирале – дали тоа ќе остане во склоп на Клинички центар или ќе остане како посебно претпријатие кое ќе биде супортер на Клиничкиот центар. Меѓутоа, дозволете ми да земам експертски мислења и по тоа да започнеме со подготвување на новиот закон за здравствена заштита, нов закон комплет, рече Таравари наведувајќи дека за начинот на реорганизацијата има повеќе идеи но и оти потребни му се совети од поискусни експерти за да се донесе најдобро можно решениие, рече Таравари.

Во меѓувреме, хируршките клиники продолжуваат да користат надворешни компресори, а Таравари вели дека мораат така да функционираат.

-Вака ќе функционираме, се надевам до ноември или декември кога ќе заврши комплетно операцијата на поставување на нова компресорска станица и нова инсталација. До тогаш ќе направиме повторно уште едно усогласување и со болницата „8 Септември“ и со Градска болница одредени потешки случаи, коишто не можат да се сработат, нема услови, да бидат работени во овие две болници коишто и досега работат добро. Меѓутоа, можеби сега ќе побараме малку поголем ангажман, вели тој.

За можноста кадарот од Клинички да може да го користи просторот попладне во ГОБ „8 Септември“ или на „Св. Наум Охридски“, Таравари потенцира дека тука има некоја законска препрека, но постои можност да се постигне договор.

-Ако има договор меѓу нас јас се надевам дека ќе изнајдеме решение или барем еден од докторите да работи со екипите во „8 Септември“ и во Градска болница, се надевам дека ќе најдеме решение, вели министерот за здравство.

За тоа дали ќе се расветли всушност од каде се ширеше миризбата во хируршките сали, имајќи предвид дека веќе подолго време се чита извештајот од Германија, Таравари одговори дека тој како министер се уште нема добиено извештај.

-Разговарав и со докторите таму и со одговорните и со директорите за да добијам информација, меѓутоа не би сакал да побрзам и да дадам некаква изјава што нема врска со вистината. Сакам да ја знам целата вистина па после ќе кажеме. Можеби и подолг период се инсталирани тие повеќе од 30 години, можеби е тоа причината, а можеби има нешто друго за кое што се уште немам точна информација. Кога ќе имам сигурно ќе бидете известени, вели Таравари.

- Реклама -