Пратениците на Алијанса на Албанците начелно ќе гласаат за уставни измени, но имаат услови коишто во текот на следната недела ќе им ги презентираат на „поважните амбасади низ Македонија“.
Еден од условите е да се тргне „терминот 20 проценти“ од Уставот и македонскиот и албанскиот јазик да се користат како службени јазици во земјата, изјави в.д. претседателот на партијата Арбен Таравари.
„Ние ќе гласаме начелно, меѓутоа ќе имаме услови. Што ќе биде нашиот услов е работа што идната недела ќе ја промовираме прво низ поважните амбасади низ Македонија, ќе кажеме што е нашиот главен услов, нормално вториот услов е од Уставот да се тргне терминот ’20 проценти’, практично да се користат како службени јазици и македонскиот и албанскиот. Но првиот услов ќе биде многу интересен“, вели Таравари во интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, условите на АА се подготвени со меѓународни експерти, кои дале „и идеја и предлози што би било убаво за целата држава“.
„Мислам дека тоа нема да може да се одбие од која било политичка партија во Македонија“, вели Таравари.
Тој кажа дека Алијансата за Албанците е подготвена за предвремени избори некаде во март-април ако има избори, но смета дека во овој период на криза партиите треба да бидат сплотени.
„Јас инсистирав и претходно на непартиска експертска влада“, изјави Таравари.
Тој демантира дека се сретнал со лидерот на ДУИ – Али Ахмети, и со премиерот Димитар Ковачевски за евентуални преговори за влез во Владата.
„Ниту преговараме ниту сме се виделе со некого. Јас мислам дека во ДУИ има настани што се многу интересни и полека ствараат внатрешен хаос кај нив и мој впечаток е дека тие го наметнуваат тоа дека Алијанса ќе влезе во Владата. Нема ниту преговори, ниту сум се видел со господинот Али Ахмети – од 2017 година не сум го сретнал, еве јавно го кажувам тоа. Со господинот Ковачевски не сум се видел сѐ до пред неколку дена кога еден младинец од Тетово ме викна на отворање на еден младински центар во Тетово. Да имаше преговори ќе ви кажев, меѓутоа нема таква работа“, изјави в.д. претседателот на Алијанса за Албанците.
Според него, партијата има капацитети и е отворена за коалицирање, но пред сѐ партијата ја интересира нејзината структура и да донесат промена во албанскиот политички блок.
„И мислам дека кога било да се одржат следните парламентарни избори, АА ќе победи и ќе биде дел од Владата. Ако не, јас би се тргнал дефинитивно од политика“, вели Таравари.
Политиките на Алијансата за Албанците, додава тој, остануваат исти. Според него, партијата веќе интензивно се организира онаму кадешто имала слаби точки, како Тетово и Чаир.
„Имавме одреден број на незадоволни членови кои апстинираа или паузираа, но имаше простор за разговор со нив и се надевам дека 70-80 проценти од тие луѓе се вратени во партијата, а искрено имаме и огромен број интелектуалци кои првпат се приклучуваат во Алијанса за Албанците и се надевам идната недела ќе ги промовираме тие личности“, изјави Таравари во интервјуто за Радио Слободна Европа.
МИА