Таравари „гарантира“ дека во новото парламентарно мнозинство ќе има и пратеници од СДСМ и од ДУИ

Генералниот секретар на Алијансата за Албанците – Арбен Таравари, „гарантира“ дека во новото парламентарно мнозинство ќе има и пратеници од СДСМ и од ДУИ. Тој тврди дека веќе се преговара со нив, и тоа на нивна иницијатива.

„Господинот Заев на 31 октомври вечерта најави дека ќе поднесе оставка и во партијата и од премиерската функција. Се надевам дека оставката ќе биде процесирана и нема да има потреба од гласање доверба на Владата. Се надевам дека во новото мнозинство ќе има пратеници на СДСМ и на ДУИ. Ова ви го гарантирам, само не знам дали ќе се оди со недоверба на Владата или Заев денеска ќе даде оставка. Според некои информации што ги имам, денеска Заев сам ќе даде оставка, така што ова ги олеснува процедурите за почеток на преговори за формирање нова влада“, изјави Таравари за ТВ „Глоби“, пренесе „360 степени“.

Прочитајте и:  Таравари: Може да разговараме со Сеља и Ахмети за прашањата поврзани со Албанците

Старо-новиот градоначалник на Гостивар, исто така, прогнозира дека ДУИ ќе биде во опозиција за најмногу две-три недели, нарекувајќи ја „канцер на општеството“ (прочитајте ТУКА).

Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на премиерот Зоран Заев му даде рок до 14:30 да ја достави оставката до Собранието, а во спротивно, најави, најдоцна до истиот период ќе биде поднесена иницијативата за гласање недоверба на Владата.

Во меѓувреме, пратеникот од Алтернатива – Скендер Реџепи-Зејд, денеска потврди дека нема да прифати неговиот потпис да стои заедно со потписите на Левица. Оттаму, новото „мнозинство“, барем во моментов, брои 60 пратеници, односно соодносот на силите во парламентот е 50%-50%.

- Реклама -