И 15 министри да им понуди ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците нема да влезе во коалиција со нив ако не се продолжи европскиот пат, изјави лидерот на партијата и градоначалник на Општина Гостивар – Арбен Таравари, во интервју за „Слободен печат“.
„И петнаесет министри да ни понудат, ако не одиме по европски пат – нема што да бараме таму. Во тој случај може претседателот на Алијанса да си даде оставка, партијата да си продоолжи. Меѓутоа, не може Алијанса за Албанците да се приклучи на било кој блок што ќе ја стагнира државата во следните пет до десет години“, рече Таравари.
Тој повтори дека ако партијата биде дел од некоја идна Влада, таа влада ќе мора да гарантира дека европскиот пат ќе биде приоритет по секоја цена и со конретен рок.
За претстојните претседателски избори следната година, Таравари вели дека за ова прашање зборуваат во телата на партијата и посочува дека сите опции се можни. Истовремено, не ја исклучува можноста за соработка со било кого, но ќе почекаат, вели, за да ја донесат најмудрата одлука.
Вели дека сè уште не знаат кои ќе бидат кандидатите, но дека за актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски има позитивно мислење.
„Пендаровски се покажа искрено како релативно добар претседател. Јас можеби ќе кажам и меѓу подобрите во последните 30 години во Македонија. Секогаш може подобро, меѓутоа немаше некакви конфликти, некакви проблеми, да зазема страна кон некоја партија. Некако одржуваше индифиренетност. Малку беше амбивалентен, можеше да биде поамбициозен. Сепак мислам дека генерално остава впечаток на позитивна личност“, рече Таравари.