Талибанците денеска јавно егзекутираа маж осуден за убиство на стадион во северен Авганистан пред илјадници гледачи.
Тоа е трето вакво погубување во последните пет дена и петто откако Талибанците ја презедоа власта во земјата по повлекувањето на американските и НАТО трупите во август 2021 година.
Очевидец изјавил дека денешната егзекуција била извршена во градот Шибирган, главен град на провинцијата Јавзјан, од братот на жртвата, кој испукал пет истрели во осудениот. Околу стадионот имало силно обезбедување.
Талибанците објавија соопштение во кое се вели дека смртната казна била извршена со одобрение на три највисоки судови во земјата, како и на врховниот водач Хаибатула Ахунџада.
Талибанците во четвртокот егзекутираа двајца мажи осудени за убиства со ладно оружје во југоисточната провинција Газни. Казните исто така ги извршија роднини на жртвите на преполн стадион.
Врховниот суд на Талибанците денеска објави уште едно соопштение во кое се вели дека кон крајот на минатата недела во северната провинција Балх, маж и жена осудени за прељуба биле камшикувани по 35 пати. Во исто време, во источната провинција Лагман, уште две лица биле камшикувани под обвинение за непристојно однесување.
ОН остро ги критикуваа талибанците за нивната практика на јавни егзекуции, камшикување и каменување и повикаа да не се изрекуваат такви казни.