СЗО: Со уништувањето на Ал-Шифа е откорнато срцето на здравствениот систем во Газа

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека уништувањето на болницата Ал-Шифа во Појасот Газа го „откорнало срцето“ на здравствениот систем во палестинската енклава.

-Уништувањето на Ал-Шифа го откорна срцето на здравствениот систем. Тоа беше место каде што луѓето одеа да ја добијат грижата што ја обезбедува добар здравствен систем, што сите очекуваме да ја добиеме доколку ни треба, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис.

По двонеделната операција израелските сили вчера ја напуштија болницата Ал-Шифа во градот Газа, во која беше уништен болничкиот комплекс, јавуваат британските медиуми.

Палестинската милитантна група Хамас објави дека по израелската операција биле пронајдени тела на луѓе со врзани раце и живи закопани, како и дека околните згради биле запалени и уништени, а цивили биле застрелани.

Прочитајте и:  ОН: Израелските доселеници протерале над 1.720 Палестинци од Западниот брег

Хамас ги повика меѓународните судски тела, особено Меѓународниот суд на правдата, да „поведат вистинска постапка за истрага на злосторствата извршени во болницата Ал-Шифа и нејзината околина и сите злосторства извршени во шестте месеци“.

Агенцијата Анадолија наведува дека за време на двонеделните напади на болницата, израелската армија убила повеќе од 200, а притворила повеќе од 900 Палестинци.

- Реклама -