Зголемената употреба на антибиотици во борбата против пандемијата на Ковид-19 ќе ја засили отпорноста на бактериите и во крајна линија ќе доведе до повеќе смртни случаи за време на кризата и по неа, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).
Директорот на СЗО – Тедрос Адханом Гебрејесус, во понеделникот истакна дека „загрижувачки број“ на бактериски инфекции стануваат сѐ повеќе резистентни на лековите кои традиционално се користат за нивно третирање.
Се работи за стар проблем за кој со години гласно алармираат научниците – дека ни се потребни нови антибиотици (а развојот на такви се одвива премногу бавно) бидејќи бактериите стануваат сѐ поотпорни на оние што веќе ги имаме. Здравствената агенција на Обединетите нации стравува дека непропорционалното користење на антибиотици за време на корона-кризата уште повеќе ќе го засили трендот:
„Ковид-19 пандемијата доведе до зголемена употреба на антибиотици која на крајот ќе доведе до повисока стапка на бактериска резистентност која ќе влијае на последиците од болеста и смртните случаи за време на пандемијата и по неа“, порача Гебрејесус на виртуелната прес-конференција од седиштето на СЗО во Женева.
Според СЗО, само на мал дел од Ковид-19 пациентите им се потребни антибиотици за да се третираат последователните бактериски инфекции. Оттаму, агенцијата објави упатства до медицинските лица во кои ги советува да не им даваат антибиотска терапија и профилакса на пациентите со благи или средни симптоми на Ковид-19 без да постојат клинички основани сомнежи за постоење на бактериска инфекција.
Овие насоки ќе помогнат да се намали антимикробиолошката отпорност додека истовремено се спасуваат животи, истакна Гебрејесус, додавајќи дека заканата од овој проблем „е еден од најитните предизвици на нашето време“:
„Јасно е дека светот ја губи својата способност да ги користи критично важните антимикробиолошки лекови“, рече тој.
Шефот на СЗО истакна и дека има диспропорционална употреба на антибиотици во светот – додека во некои земји се претерува, во други – оние посиромашните, таквите животоспасителни лекови се недостапни, што „води кон непотребно страдање и смрт“.
Повеќе на The Guardian.