СЗО објави листа на лекови за во случај на нуклеарен напад: „Клучно е владите да бидат подготвени да го заштитат населението“

Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави публикација која обезбедува ажурирана листа на лекови чии залихи треба да се подготват во случај на нуклеарна опасност и изложеност на радијација. Залихите треба да вклучуваат лекови кои ја спречуваат или намалуваат изложеноста на радијација, но и тие кои ги олеснуваат здравствените проблеми откако лицето веќе било изложено на зрачење.

„Во итни случаи со зрачење, луѓето можат да бидат изложени на зрачење во дози кои се движат од занемарливи до опасни по живот. Владите мора да обезбедат итно лекување на тие на кои им е потребно“, рече д-р Марија Неира, вршител на должноста помошник генерален директор на СЗО.

„Клучно е владите да бидат подготвени да го заштитат здравјето на населението и веднаш да реагираат во итни случаи. Тоа вклучува подготвување залихи со лекови кои ќе спасат животи, кои ќе ги намалат ризиците и ќе ги лекуваат последиците од здрачењето“, додаде Неира.

Оваа публикација го заменува извештајот на СЗО од 2007 година за развојот на националните резерви за итни случаи на радијација и содржи ажурирани информации засновани на истражувањата во последната деценија.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

На списокот има лекови кои можат да го спречат или намалат внесот на радионуклиди или да ја зголемат елиминацијата на радионуклиди од човечкото тело. Исто така, во публикацијата се анализираат главните елементи кои се потребни за развој, одржување и управување со национални залихи на специфични медицински материјали кои ќе бидат потребни во случај на нуклеарен напад.

Типични лекови кои би требало да се користат во случаи на изложеност на радиоактивно зрачење се: стабилен јод, кој се применува за да се спречи или намали изложеноста на тироидната жлезда на радиоактивен јод, цинков или калциумов диетилентриамин пента-ацетат (DTPA) кој се користи за лекување на внатрешна контаминација со трансурански радионуклиди, цитокини кои се користат за ублажување на оштетувањето на коскената срцевина, во случај на акутен радијациски синдром… и други лекови кои се користат за лекување при повраќање, дијареа и инфекции.

„Важно е националните влади да реагираат што е можно побрзо“, посочуваат од СЗО.

МИА

- Реклама -