СЗО: Нема докази дека коpoнавирусот се шири преку површини, ниту дека средствата за дезинфекција имаат ефект на скали и улици

Сѐ уште не е докажано дека луѓето можат да се заразат со коронавирусот преку површините на кои вирусот се задржува, како што се кваките или тастатурите, порачаа денеска од СЗО.

 

Сепак, официјалната препорака останува да се дезинфицираат предметите според упатствата на организацијата. Тие се базирани на студија која покажува дека вирусот може да преживее на надворешната страна од маските за лице и до 7 дена.

Сепак, СЗО потенцира дека овие студии треба да се земат со доза на резерва, бидејќи таквите истражувања се спроведуваат во лабораториски услови, кои не се многу слични со условите во реалниот, секојдневен живот.

Според споменатата студија, вирусот преживува на нерѓосувачки челик и до 4 дена, на стакло – до 2, а на ткаенина и дрво – до 1 ден. Во друга студија, пак, се покажа дека вирусот на бакар преживува 4 часа, на картон околу 24 часа и на пластика и на нерѓосувачки челик – до 72 часа.

Иако досега нема потврден случај во кој луѓе се заразиле преку површина, не треба да се занемари таквата можност, па важно е да се дезинфицираат површините на предметите како кваките и електронските уреди, велат од СЗО.

 

Од друга страна, СЗО советува да не се прскаат големи количини средства за дезинфекција, во затворени или отворени простории, како што е пракса во многу азиски заедници.

Од СЗО велат и дека улиците и скалите не се расадници на вирусот, односно дека не е извесно дека средството за дезинфекција се задржува на нерамните површини доволно долго за да биде од било каква корист.

СЗО предупредува и да не се прскаат луѓето со средства за дезинфицирање, бидејќи тоа нема да спречи лице носител на вирусот да го пренесе на друг човек. Освен тоа, токсичните хемикалии во средствата за дезинфекција можат да предизвикаат и иритација на очите и кожата, бронхоспаза поради вдишување, како и гастроинтестинални мачнини и повpaќање.

- Реклама -