СЗО: Нема докази дека антителата кои ги откриваат серолошките тестови значат и имунитет кон Ковид-19

Нема докази дека луѓето кои оздравеле од коронавирус имаат имунитет кон болеста, велат од Светската здравствена организација (СЗО).

Искусните епидемиолози на СЗО предупредуваат дека нема докази дека серолошките тестови – кои ги мерат нивоата на антитела во крвната плазма – можат да покажат дека некој кој бил заразен со Ковид-19 не може да биде повторно заразен.

Многу од ваквите тестови кои се во развој тестираат крв слично на инстант ХИВ тестовите и ги мерат зголемените нивоа на антителата кои телото ги користи во борбата против вирусот.

„Има многу земји кои предлагаат користење на брзи дијагностички серолошки тестови за да можат да откријат она што мислат дека е мерка на имунитет. Но во моментов нема докази дека употребата на серолошки тестови може да покаже дека тестираниот има имунитет или е заштитен од реинфекција“, рече д-р Марија ван Керхов на прес-конференција во Женева.

 

„Овие тестови за антитела ќе можат да го измерат тоа ниво на серопреваленција – тоа ниво на антитела – но тоа не значи дека некој со антитела значи дека тие се имуни“.

Ван Керхов оценува дека е „добро“ што толку многу тестови се во развој, но посочи дека истите ќе треба да бидат валидирани „за да знаеме дека тоа што тврдат дека се обидуваат да го измерат, навистина го мерат“.

Д-р Мајкл Рајан, нејзин колега, предупреди и дека тестовите за антитела покренуваат низа етички прашања.

„Постојат сериозни етички проблеми околу употребата на таков пристап и ние мораме да им пристапиме многу внимателно. Исто така треба да внимаваме и на должината на заштитата што антителата можеби би ја дале.

Можете да имате некој кој верува дека е серопозитивен (бил инфициран) и заштитен во ситуација кога може да биде изложен и всушност подложен на болеста“, додава тој, нагласувајќи дека користењето на серолошки тестови мора да биде во рамки на кохерентна јавноздравствена политика.

- Реклама -