СЗО: Медицинскиот канабис не предизвикува зависност и не е токсичен

Ете, потврда директно од Светската здравствена организација (СЗО).

Следува по повеќемесечно проучување на канабидиолот (CBD) – состојка на марихуаната која не е психоактивна и често се користи во медицински цели, а главно доаѓа во форма на масло, капки и капсули.

Резултатите покажуваат дека состојката – која сочинува и до 40% од екстрактот од марихуана, не е токсична и не предизвикува зависност.

Не само што Стручниот одбор за зависност од дрога заклучи дека нема докази дека канабидиолот предизвикува проблеми со здравјето, туку напротив, велат дека се откриени негови предности и во лечењето на епилепсија, како и во „бројни други медицински состојби“.

Извештајот беше објавен во ноември, но привлекува внимание сега, откако СЗО објави конкретни препораки.

Кога станува збор за набавка и легализација, СЗО препорачува нов пристап кон канабисот. Тоа не значи дека СЗО препорачува употреба на канабидиол, велат експертите. Но препорачува дека регулација на канабидиолот не е потребна на меѓународно ниво, туку тоа треба да се препушти на секоја држава посебно.

Со други зборови, „тоа значи дека неговото производство и употреба во конкретни цели, како лечење и истражување, не би требало да биде забрането, бидејќи СЗО досега не најде докази за евентуалната штетност“, вели портпаролот на Светската здравствена организација.

Поконкретни препораки и заклучоци ќе бидат објавени во мај следната година.

- Реклама -