Женева, 3 ноември 2021 (МИА) – Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека ја одобрила за итна употреба индиската вакцина против Kовид-19 произведена од Bharat Biotech.
„Техничката советодавна група утврди дека вакцината Коваксин ги исполнува стандардите на СЗО за заштита од Kовид-19, дека придобивките од вакцината многу ги надминуваат ризиците и оти вакцината може да се користи“, соопшти СЗО на Твитер.
Експертите на СЗО препорачаа вакцината да се користи во две дози со тоа што втората доза да се аплицира четири недели по првата, во сите возрасни групи постари од 18 години.
Вакцината сега ќе може и да се извезува.
Коваксин е седма вакцина против Ковид-19 одобрена од СЗО досега, по Фајзер/Бионтек, Модерна, Астра Зенека, вакцината на Џонсон и Џонсон и кинеските Синовак Биотех и Синофарм.