Светската здравствена организација (СЗО, т.е. WHO) го прогласи двоумењето околу вакцините (било да се работи за одолговлекување на прифаќањето на имунизацијата, или целосно спротивставување) во случај кога се достапни (луѓе низ сиромашните региони во светот молат да добијат вакцини; читнете за дилеров, на пример) – за една од 10-те најголеми закани по светското здравје во 2019-та година.
Во последно време „феноменот“ на одбивање вакцини (наречен „vaccine hesitancy“) зема сé повеќе замав во низа земји, особено забележливо во САД. Податоците од CDC (Центар за контрола и превенција на болести) покажуваат дека од 2001 година наваму, процентот на вакцинирани деца во САД, на возраст од 19 до 35 месеци, се намалил за дури четири пати.
Според студија објавена во PLOS ONE, продолжува да расте бројот на Американци кои се против вакцините. „Од 2009-та наваму, бројот на исклучоци од имунизација, по основ на ‘филозофско верување’, е зголемен во 12 од 18 сојузни држави во кои тоа е опција“, се наведува во студијата.
Меѓу другите земји со значителен подем на движењата против вакцинација се и Австралија, каде околу 40.000 деца се невакцинирани поради убедување на родителите, како и Италија, која во 2018-та ја укина задолжителната вакцинација на децата како предуслов за нивно запишување во училиште.
Според СЗО, човештвото направило низа значајни напори и чекори напред во изминатите декади по прашањето на глобалното здравје: Очекуваниот животен век е зголемен во многу делови од светот, полиото е на пат да биде целосно искоренето, а споредено со 1990-тите, 6 милиони помалку деца на возраст под 5 години починале во 2016-та.
Невакцинација
Вакцините се ефективен и економичен начин на спречување на многу болести, наведуваат од СЗО. Според нивните проценки, без вакцините бројот на смртни случаи би се зголемил за 2 до 3 милиони луѓе секоја година. Растечкиот скептицизам околу вакцините може да претставува значителна пречка во постигнување на задоволително ниво на имунизација на популацијата, со тоа уривајќи го ефектот на „колективниот имунитет“ (наречен „имунитет на стадото“) и зголемувајќи го ризикот од епидемии од излечиви болести. Таков е случајот со морбилите, во кој потенцијално поради антивакцинацијата, бројот на случаи со зараза од оваа болест е пораснат за дури 30% на глобално ниво.
Аерозагадувањето и климатските промени – најголема закана по здравјето во 2019-та
Покрај невакцинацијата, продолжуваат да постојат и глобалните проблеми, а покрај хроничните болести, најголемите меѓу нив се резултат на штетниот ефект од загадувањето на животната средина.
СЗО го смета аерозагадувањето за најголемиот еколошки ризик по општото здравје во 2019-та. Што не е воопшто изненадување кога во предвид ќе се земе дека 9 од 10 луѓе во светот дишат загаден воздух, што пак води до околу 7 милиони случаи на прерана смрт во светски рамки. Вдишувањето на микроскопски полутанти може да доведе до рак, удари и срцеви и белодробни болести.
Климатските промени исто така се очекуваат да имаат голем импакт врз здравјето. Меѓу 2030-та и 2050-та се очекуваат по околу 250.000 повеќе смртни случаи како резултат на поврзаноста на климатските услови со неухранетоста, маларијата и стресот од високите температури.
Останатите ризици, според СЗО, се:
• хроничните болести,
• глобална пандемија на грип,
• кризи (суша, глад, војна, миграција),
• антимикробијален отпор (отпорност на патогените кон третмани што некогаш беа ефикасни, како кај антибиотиците)
• ебола и други високоризични патогени
• неадекватна и немање на соодветна здравствена грижа и здравствени сервиси
• денга
• ХИВ
Подетално читајте на Newsweek, или директно на сајтот на СЗО.