Вчера, на 3-ти март, се одржа второто издание на тениската манифестација World Tennis Day, кое се одвиваше на три локации – Хонгконг, Лондон и Њујорк. Меѓународната тениска федерација за прв пат ја стартуваше манифестацијата на 4-ти март, лани, со цел да го промовира тенисот како спорт и да го рашири меѓу младите во светот.
Како и да е, Светскиот ден на тенисот е нешто како All-Star во НБА и гала-вечер во уметничко лизгање – простор каде што можете да ги видите легендите, но во едно празнично и опуштено расположение. Овогодинешниот настан беше фантастично успешен, а на теренот стапнаа еден куп тениски ѕвезди: Андре Агаси, Пит Сампрас, Иван Лендл, Пет Кеш, Џон Мекинро, Новак Ѓоковиќ, Енди Мареј, Лејтон Хјуит, Томаш Бердих, Ли На и Саманта Стосур.
ХОНГКОНГ
Светскиот рекет број 2 и неодамнешна шампионка на Australian Open – Ли На се сретна со поранешната шампионка на US Open – Саманта Стосур. Стосур ја продолжи победничката серија против Ли, победувајќи со 6-4, 6-3.
По нив, на теренот настапија Лејтон Хјуит и Томаш Бердих. Хјуит ја воодушеви публиката со своите разновидни slice-ови и лесно ја заработи победата. Двајцата приредија хумористично шоу, публиката супер се забавуваше, а Бердих дури и твитуваше за време на мечот.
ЛОНДОН
Натпреварот помеѓу Иван Лендл и Пет Кеш беше своевидна реприза на финалето на Вимблдон од 1987. Во првите 10 гема, и двајцата се држеа солидно, и покрај годините, а и вишокот килограми. Тогаш, Пет Кеш стигна до брејк (7-6), а на крајот го доби и мечот (8-6 во гемови), откако Лендл го промаши решавачкиот форхенд. Едно време, Кеш, борејќи се за здив, го праша далеку физички поспремниот (барем до тој момент) Лендл: „Добар си? Да не сакаш пауза?“
Она што можеби беше во фокусот на сите тениски фанови беше дуелот помеѓу Андре Агаси и Пит Сампрас. Нивното ривалство е едно од најголемите во тениската историја. Во кариерата, одиграа 34 меча, на кои Сампрас победи дури 20 пати. Во првиот сет, Агаси започна силно, поведувајќи со 3-0. Иако Сампрас се подобри, не стигна да надомести па го загуби сетот со 6-3. Вториот сет беше далеку понеизвесен. Сампрас беше сигурен во својот сервис, па иако Агаси имаше неколку сет-топки на 5-4, Пит успеа да изнуди тај-брејк, во кој доминираше, дозволувајќи му на Агаси само еден поен.
ЊУЈОРК
„Лошото момче на тенисот“ – Џон Мекинро и неговиот брат Патрик, имаа тешка задача во дуелот на двојки, против најдобриот пар на светот – браќата Боб и Мајк Брајан. За споредба, помладиот брат Мајк е 20 години помлад од помладиот брат на Џон Мекинро. Џон Мекинро, кој неодамна настапи со груби коментари за тенисот во двојки, мораше да се помири со убедливата победа на браќата Брајан.
Главниот настан беше дуелот на Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј. Тие се сретнаа за прв пат годинава и презентираа фантастична борбеност. Иако егзибиционен меч, публиката имаше можност да види импресивни поени, зачинети со препознатливата смисла за хумор на Новак. За време на вториот сет, на пример, и двајцата застанаа за да направат селфи и да го постираат на Твитер.
На крајот, иако двајцата славеа, победник беше Ѓоковиќ, со резултат од 6-3 и 7-6 во сетови (7-3 во тај-брејкот).