Државите од Западен Балкан, како и останатите светски економии, силно ќе бидат погодени од последиците на пандемијата на коронавирусот и оваа година ќе потонат во рецесија, при што би можеле да забележат пад на БДП-то до дури 11.3 проценти, објави Светска банка.
Во најновиот Редовен економски извештај (RER) на Светската банка, базиран на основни и неповолни сценарија во свет на голема неизвесност предизвикана од пандемијата на Ковид-19, се проценува дека регионалниот економски раст на Западниот Балкан секако ќе биде негативен, а веројатно ќе се движи меѓу -3 и -5.6%. Таквиот пад се проценува под услов пандемијата во Европа наскоро да почне да се намалува, што би значело дека рестриктивните мерки би можеле да се укинат до крајот на јуни и дека опоравувањето може постепено да започне во втората половина на 2020-та.
Според неповолните сценарија, пак, во кои се претпоставува продолжување на пандемијата и укинување на рестриктивните мерки дури на крајот на август, почетокот на опоравувањето на економските активности ќе се случи дури во последниот квартал од 2020-та.
Најнегативни проекции за Косово
Според проценките, најмногу ќе биде погодено Косово, кое во поповолното сценарио го очекува пад на БДП-то од 4.5%, додека во понеповолното сценарио се соочува со пад на БДП-то од дури 11.3%.
Слични се прогнозите и за Црна Гора, која во случај на брзо запирање на ширењето на коронавирусот ја очекува пад од 5.6%, а во случај на продолжување на пандемијата до доцна летово – пад од дури 8.9%.
Тука некаде се и проекциите за Албанија, каде се очекува пад на БДП-то од 5%, односно 6.9% во понеповолното сценарио.
„Најдобри“ се проекциите за Македонија
Нешто подобро би поминала Босна и Херцеговина, каде се очекува пад од 3.2, односно 4.2 отсто. Србија, според проекциите, би доживеала пад од 2.5 односно 5.3%.
Најмали последици, според Светска банка, би претрпела Северна Македонија – со пад на бруто домашниот производ од 1.4 отсто во поповолното и 3.2 отсто во понеповолното сценарио.
Сѐ ќе зависи од мерките
„Иако е тешко да се прогнозира економскиот импакт од пандемијата, нема дилема дека таа го комплицира животот во целиот регион бидејќи го оптоварува здравствениот систем, ја паpaлизира економската активност и ја загpoзува благосостојбата на луѓето“, вели Линда Ван Гелдер – директорка на оддделот за земјите од Западен Балкан во Светската банка.
Опоравувањето од последиците на пандемијата на Ковид-19 е можно на среднорочен план, но сѐ ќе се зависи, се истакнува во извештајот, од должината на рестриктивните мерки и мерките кои владите во регионот ќе ги преземат во насока на соочување/намалување со последиците.