Светот не може да се менува, дури ни на полошо

Канје Вест - повлијателен и од Господ.
Господ лично, на концерт на Канје Вест.

Гадна ствар е кога и на четириесет години одбиваш да го прифатиш светот. До четириесетта, ако не си идиот, веќе си сфатил дека светот не може да се менува: дури ни на полошо.

Светот, значи, за нас секогаш има иста понуда: земи или остави. Нема преговори, како во Дејтон, нема ценкање, како на грчки или турски плоштад.

Така, си велиш себеси: пробав, не одеше, доволно пати удирав во ѕид, доволно крварев, доволно пати се тркалав низ падините па ја тресев правта од себе и одново тргнував нагоре, имав свои борби, доволно пати изгубив. Бидејќи секој пат губев, истрајноста во поразот го прави мојот пораз чесен. Прегазен сум, но уште можам да направам една ствар: да го одбијам како свое тоа што ме згазило.

Така велиш, така правиш, а тогаш се прашуваш: а можеби моето одбивање, мојата тврда вера дека ниеден свет и ниедно време не е мое, е знак дека светот и времето веќе не ги разбирам?

Сепак не, се разуверуваш себеси. Напротив: тоа е знак дека светот и времето најпосле ги разбираш. Додека траела твојата залудна борба, додека си бил гневен, додека си урлал, додека си удирал и си примал удари – тогаш не си разбирал. Си сфатил дури кога најпосле си го признал поразот. Тоа била цената на спознанието, си велиш.

Да, добро би било да е така.

Постои книга на Честертон која се вика „Што не е во ред со светот“. Прашањето на кое книгата нуди одговор се чини како најлесното што може да се замисли. Одговорот е очигледен: ништо не е во ред со светот. Бирај што сакаш: војни, банки, бегалци, гладни… но вистински предизвик е среќата во тековните и идните пропасти да се најде во малите ствари. Во споредните, навидум неважните, дури и тривијални вести.

На пример во таа за учителката во трето оделение во една подгоричка школа. Жената на писмените работи на учениците пишува: „незбори на час“, „ученичката збори на час“, „следи ги линиите кога црташ“… Надлежната комисија која Министерството за образование ја прати да го испита случајот заклучи дека учителката „треба да поработи на правописот“, но дека квалитетот на нејзината работа е задоволителен. Со нејзината работа не е задоволно само Министерството: огромно мнозинство од анкетираните ученици и родители ја пофалија учителката.

Или, на пример, вестите за Канје Вест. Човекот за себе тврди дека е најголемиот уметник на денешницата. И најголем уметник што некогаш живеел. Медиумите го зацврстуваат во тоа негово верување. Така тоа станува факт. Вест неодамна го снимија како пред телевизиски настап, во бес изговара дека тој е „50 посто повлијателен од Кјубрик, Свети Павле и Пабло Пикасо“. Тоа е точно. Погледнете ги музичките списанија: за Вест пишуваат исклучиво како за „гениј“. Највлијателниот портал за „алтернативна“ музика – pitchfork.com, пред некој месец опусот на Канје го спореди со тој на Пикасо. Не се заебаваа.

kanye+west+i+am+a+god[1]

Сепак, Вест не е повлијателен од сопругата – Ким Кардашијан. Нејзиниот газ на денешниот свет има поголемо влијание отколку сите Павлови посланици и Вестови албуми заедно. Таа, на пример, има 30 проценти поголемо влијание на светот од Вест. Но, 80 проценти помало влијание од влијанието кое го има ракот. Но, дури ни влијанието на ракот не е ништо во споредба со влијанието кое на историјата на светот го имале вирусите и бактериите.

Поентата е јасна. За да сте голем композитор, не е потребно да знаете ноти – и Вест не ги знае. За да бидете голем визуелен уметник, како… бирајте име, не е потребно да знаете да го нацртате ни чичко Глиша. За да ги учите другите за јазикот, не е потребно да бидете писмени, како што не е писмена учителката од школото во Подгорица. За да го менувате светот, не ви е потребна дури ни свест за светот – и вирусот ја нема.

Што нé доведува до причината зошто секоја филозофија и книжевност кои настојуваат да понудат упатство за промени – е однапред осудена на неуспех. Не можете да имате филозофија без свест, а влијание не можете да имате со свест. Книжевноста уште не можете да ја пишувате ако не ги знаете буквите. Затоа книжевноста е најконзервативна, најтоталитарна и, со самото тоа, најнедемократска од сите уметности.

Тоа, секако, ќе се промени, само е прашање на време. Тогаш, кога за да се биде филозоф веќе нема да мора да се мисли, тогаш кога, за да се биде писател веќе нема да мора да се пишува, можеби тогаш конечно ќе имаме политичка филозофија и книжевност која ќе има вистинско влијание и сила да го менува светот.

Во Тезите за Фојербах, Маркс пишува: „Филозофите досега само го тумачеа светот; но суштината е во тоа тој да се измени“. Во келнските весници, тој пишуваше: „Но филозофите не растат како печурки од земјата, тие се плодови на своето време, својот народ, чии најсуптилни, најдрагоцени и најневидливи сокови кружат во филозофските идеи. Филозофските системи во мозоците на филозофите ги гради истиот оној дух кој ги гради железниците со рацете на работниците“.

Кога филозофите и книжевниците пак ќе бидат плод на своето доба и својот народ, кога филозофските системи и романи во мозоците на филозофите и книжевниците ќе ги гради истиот оној дух кој владее на Фејсбук и Инстаграм, филозофијата и книжевноста одново ќе ја имаат моќта.

Ако не, секогаш го имате ова мое лузерско: стварта не е во тоа светот да се измени, туку за светот искрено и потполно да те боли курац.

За крај, еве ви една застарена, излишна композиција која не ја подигнува свеста по ниту едно важно општествено прашање, ниту привлекува внимание кон лошата положба на ниту една малцинска група, а ја има напишано дебел, патријархален, верски затуцан, родно неосвестен бел расист, па и месождер, од кој, за среќа, Канје е 1000 посто повлијателен.

Андреј Николаидис,
zurnal.info

- Реклама -