ОН: Светот да се подготви за поинтензивни топлотни бранови

Светот мора да се подготви за поинтензивни топлотни бранови, предупредија денеска Обединетите нации, бидејќи северната хемисфера се приближува до максималните температури.

„Овие појави ќе продолжат да се интензивираат и светот мора да се подготви за поинтензивни топлотни бранови“, изјави Џон Наирн, експерт на Светската метеоролошка организација на ОН на прес-конференција во Женева.

Тој додаде дека феноменот Ел Нињо само ќе ја зголеми појавата и интензитетот на екстремните топлотни бранови.

Во Северна Америка, Азија, Северна Африка и во медитеранскиот басен, неколку дена оваа недела температурите ќе надминат 40 степени Целзиусови.

„Еден од значајните феномени што ги забележавме е дека бројот на симултани топлотни бранови на северната хемисфера се зголеми за шестпати од 1980-тите. Овој тренд не покажува знаци на намалување“, рече експертот.

Како што оцени, топлотните бранови ќе имаат сериозно влијание врз здравјето и животот на луѓето.

МИА

- Реклама -