Свештеник на мета откако на Инстаграм позирал со скапи парчиња Gucci и Louis Vuitton

Реакциите во јавноста ја натераа Руската православна црква да спроведе истрага околу еден од своите свештеници, откако истиот на својот Инстаграм профил сподели фотографии од скапи парчиња – чанти, чевли, па дури и папучи вредни стотици долари, од познатите луксузни брендови Gucci и Louis Vuitton. На една од фотографиите Вјачеслав Баскакаков држи чанта со потписот на Louis Vuitton во рацете, додека на друга позира со чевли од истиот бренд додека ги пробува во продавница. До неговите нозе е видлива шопинг кеса со името на брендот, што алудира дека свештеникот по нешто и си се подновил.

Во меѓувреме неговиот Инстаграм е затворен, а фотографиите избришани, но не пред масовно да бидат споделени на Интернет и во јавноста.

Официјални лица од црквата жестоко го осудија неговиот нескромен начин на живот, а составена е и дисциплинска комисија која „ќе го дотера на ум“, уверува Александар Волков – портпарол на рускиот патријарх Кирил.

„Животот на еден свештеник не може да биде поделен на личен и јавен. Ниту еден божји човек не смее да се однесува како свештеник во црква од утро до ручек, а потоа да биде кој сака и каков сака од ручек до вечера“, порача Волков.

Прочитајте и:  Свештеникот кој дозволи снимање спорен спот во црква, расчинет поради проневера

Од друга страна, и самиот патријарх Кирил се најде на удар во сличен скандал во 2012-та, кога на една официјална средба беше „уловен“ со часовник од брендот Breguet вреден околу 30.000 долари. Тогаш неговите помошници го избришаа спорниот часовникот од фотографијата со помош на Фотошоп, но заборавија да ја избришат рефлексијата од часовникот врз дрвената маса. Потоа црквата се извини.

Се извини и Баскаков за неговите фотографии на Инстаграм, порачувајќи дека покрај казната од црквата, ќе го избрише и својот профил, бидејќи му отежнува да се однесува скромно и соодветно. Но тој демантираше дека ги поседува предметите од Gucci и Louis Vuitton, истакнувајќи дека повеќето фотографии ги направил во продавница.

Тој додаде и дека понекогаш шиел скапи токи на неговите евтини чевли, па затоа изгледале фенси…

- Реклама -