„И сега можам да го слушнам ударот и да ја видам крвта. Таа слика ќе ја носам во главата до крајот на животот“.
Кога во Германија ќе дојде до смртен случај на железничките пруги, националната железница „Дојче Бан“ тоа го нарекува personenschaden – „штета нанесена некому“. Се работи за прилично трезвен бирократски израз за една крвава, грда и шокантна реалност. Машиновозачот кој е дел од смртен случај со воз, обично носи траума до крајот на животот.
Според Михаил Дитман – претседател на Синдикатот на машиновозачи во Келн, машиновозачите во Германија во својата кариера доживуваат во просек по 2 смртни случаи – некои се несреќи, некои се самоубиства.
Петер Гутвасер (54) возел S-Ban во Берлин околу 20 години, а директно има учествувано во три летални инциденти на пругите. Денес работи како терапевт и живее со сопругата и двете мачки на периферијата на Берлин. Зборува за тоа какво е чувството некого да прегазиш.
„Најгрозното искуство што некогаш сум го доживеал беше кога истовремено удрив две деца во октомври 1966 година. Беа тоа две мали момчиња, тригодишник и шестгодишник. Малку после 1 попладне, за време на мојата последна тура во смената, две дечиња одненадеж истрчаа на шините додека играа. Ја повлеков кочницата и ја огласив сирената, но беше предоцна. Кога дечињата го здогледаа возот, се шокираа и се вкочанија. Слушнав гласен удар и по време што делуваше како 100 секунди, возот конечно потполно запре. Излегов и отпрва ништо не видов, но кога отидов малку поназад, затекнав огромна локва крв и слушнав стенкање. Двете деца беа тешко повредени. Постарото ме праша дали имам фластер за неговото помало братче. Се вратив во својата кабина по прва помош и за да ги викнам итните служби, но кога се вратив, децата одеднаш пробуваа да избегаат – на сите тие повреди и во таа нивна тешка состојба. Итната помош успеа да стигне и да ги земе. Подоцна дознав дека помалото братче им подлегнало на повредите. Паднало под возот и го повлекло постариот со себе. Не сум сосема сигурен дали постариот брат преживеа – мора да имал многу внатрешни повреди“.
Дваесет години подоцна, звуците и мирисите од тој ден сé уште го прогонуваат Гутвасер. „И понатаму можам да го слушнам ударот кога помалиот брат се судри со возот – уште можам да ја видам крвта. Ќе го носам тоа со себе до крајот на животот, но научив како да го контролирам. Му дадов име на момчето, за да можам да го погребам и преболам“.
Првата фатална несреќа на Гутвасер откако станал машиновозач му се случила во јуни 1990 година, кога една жена ја отворила вратата откако возот веќе тргнал, и се заглавила меѓу возот и перонот.
„Во тоа време, можевте да ги отворите вратите додека возот е во движење. Практично беше згмечена. Бев во шок. Мозокот се обидуваше да ми соопшти што всушност се имаше случено, но моите емоции го блокираа таквото нешто. Разговарав со таа жена на перонот, неколку моменти пред да настрада“.
Во една друга прилика, уште некој настрадал во негова смена, иако Гутвасер тоа го сфатил дури подоцна.
„Бил некој ‘сурфер’ по S-Ban, кој се качил по кровот на возот, па удрил во сигнал и настрадал. Појма немав – кога стигнав на следната станица, некој од федералната полиција ме праша дали нешто сум забележал. Типот имал 22 години – на таа возраст би требало да знаете што правите. Бев бесен и не ми беше жал, да бидам искрен“.
Но не биле сите инциденти на Гутвасер несреќни случаи. Еднаш било и самоубиство – човекот скокнал на пругата пред друг воз (имало два). Неговото тело се одбило од првиот и паднало на возот управуван од Гутвасер.
„Она што остана од него слета право на моето ветробранско стакло. Беше тоа кошмар. Мојот прв рефлекс беше да ги вклучам бришачите. Морате да сте прагматични во такви ситуации. Луѓето кои се самоубиваат на шините навистина ме полудуваат. Зошто во својата несреќа да ги повлечеш со себе и другите?“
После сите смртни случаи што ги преживеал на пругите, на Гутвасер никогаш не му била укажана никаква психолошка помош.
„Секогаш морав сам да го одвезам возот кој учествувал во несреќата до почетната станица, и сам да го исчистам“.
И токму затоа, Гутвасер, со уште еден колега, кон крајот на деведесеттите, оформува група за самопомош на машиновозачите. Денес грижата околу машиновозачите кои учествуваат во смртни случаи е многу подобра – колегите ја преземаат смената, а тие добиваат психолошка помош.
Психологот Вилфрид Етерхоф работи токму со луѓе кои на своето работно место се соочиле со туѓа смрт. Тој добро знае дека тоа може да остави долгорочни психолошки трауми.
„Некои луѓе никогаш претходно се немаат сретнато со смртта. Кога одненадеж ќе ви се случи такво нешто на така насилен начин, тоа може да доведе до ПТСП (пост-трауматски стрес синдром) или сериозна депресија“, објаснува Етерхоф, и додава дека смета дека со луѓето треба што е можно повеќе да се зборува за несреќата, за да им се помогне да најдат начин да почнат отпочеток.
Тоа му се случило и на Гутвасер – ја прифатил смртта како составен дел на својот живот.
„Кога сте машиновозач, просто е факт дека некој би можел да скокне пред вашиот воз. Но морате да се дистанцирате од смртните случаи, за да се заштитите самите себе. Тие луѓе настрадале – ништо не можам да направам тоа да го променам. Да се излезе на крај со смртта е долготраен процес; работев многу внимателно на тоа. Мислам дека можеби помогна што од мал се занимавав со филозофски теми. А кон смртта морате малку да гледате и со хумор. Без оглед на тоа колку е тешка ситуацијата, морате на некој начин да бидете во состојба да се посмеете околу истата“.
Фактот што Гутвасер дал отказ од работата како машиновозач и сега работи како терапевт, нема никаква врска со несреќните случаи кои ги преживеал на шините.
„Почнав да работам како машиновозач од финансиски причини и затоа што ми даваше чувство на слобода. Беше фасцинантно. Но смените беа долги и тоа не е баш работа за семеен човек. Отсекогаш сакав да бидам терапевт; сакам да им помагам на луѓето. И понатаму размислувам за луѓето кои ги видов како страдаат на шините, но веќе не се чувствувам виновен. Ништо не сум направил погрешно. Само ја работев својата работа“.