Град разрушен од земјотрес, нема боја, целото пространство поради урнатите згради и објекти е во сива боја. Само шлемовите на луѓето и булдожерите кои се во разни впечатливи бои, портокалови, жолти па даваат поим во какво место си дојден.
Со овие реченици го започнува разговорот 40 годишниот Александар Стојановски-Цули, за еднонеделниот престој во подрачјата погодени од земјотресот во Турција и подеталните впечатоци за тоа што видел и проживува еден човек кој оди да помага при земјотрес во друга држава. Тој беше дел од 32-члената екипа на Дирекцијата за заштита и спасување, каде бил офицер за врска во турскиот град Адијаман.
-Патувавме околу 200 километри низ подрачјата погодени од земјотрес, тоа е огромно пространство, зона на урнатини. Опфатени се шест поголеми градови и други помали места. Самите патишта се оштетени, па движењето беше и по делумно оштетени и локални патишта, што на прв поглед и тие првични часови поприлично апокалиптично делуваше сликата таму. Огромна сила уништила голем број згради па таа огромна сила уништи и други објекти, има тотална деструкција, објаснува тетовецот, кој е дел од Дирекцијата за заштита и спасување од 2010 година.
По пристигнувањето во Адијаман, луѓето кои биле ангажирани од Дирекцијата за заштита и спасување стапиле во контакт со турската институција за цивилна заштита при непогоди со скратеница АФАД. Од нив ги добиле директивите и локациите за подигнување на урнатините во насока на пронаоѓање на преживеани, но извлекување и на починатите.
Така македонските спасители дошле и до прва средба, да се запознааат со граѓаните од Адијаман и тогаш доаѓаат до сознание за нивната трагедија и болка за загубените животи, уништените домови, но и надежта дека ќе најдат уште некој од преживеаните.
-Кај населението увидовме голема тага и јад, но не ни може да биде поинаку. Она што ми остави впечаток дека таа тага и јад не ни ја пренесуваа на нас. Не ни правеа притисок со постојани молби или притисок, туку свесно пристапија кон очекувањата од нашата работа. Се разви некакво взаемно сочувство. Ние сочувствуваме со нивната болка, тие со нашиот предизвик. Прво ние сочувствуваме со нив таму, но и тие нас не гледаат и знаат дека сме тргнале на долг пат и дека сме „јабанџии“ што е турцизам и означува човек странец отиден во туѓа земја за мака или работа. Тоа ја олесни комуникациија и не прифатија. Кога стигнавме и народот се увери дека не се сами, раскажува Стојановски.
Екипата од странска држава која патува за вакви спасувачки операции мора да биде подготвена за седум дена самостојано живеење и работење. Тоа значи дека треба да се опремени со шатори за спиење, сопствена исхрана, вода и гориво, за да не бидат на товар на локалнати власти. Но, според нашиот соговорник, локалното население иако се нашло во тешка ситуација, се обидувале на ваквите служби од други држави да им пружат гостопримливост, односно да понудат олеснување колку што можат.
-На една локација имаше многу затрупани во зградата од десетина ката која што цела беше падната, урната. По бројот на мртви се виде дека е голема зграда. Додека се расчистуваа урнатини, имаше многу народ, многу луѓе околу еден објект. Секој ден некој од нив се трудеше да ни помогне во смисла да ни даде јадење, чај, вода, кафе. Доаѓаа луѓе од други краишта и правеа јадења, мештаните им даваа на помагачите и така цело време некој некому помога и олеснува, се споменува Александар.
На прашањето колку луѓе спасиле, Александар е максимално скромен и вели дека преживеаните самите се спасиле, односно поради склоп на околности останале живи, а тие само помогнале да бидат извлечени од урнатините.
-Спасувањето не е на животот. Туку само помагање на преживеаните да се извлечат од урнатините. Од друга страна, ние бевме дел од извлекувањето и бевме сведоци на 65 луѓе кои беа извадени починати. Големо подрачје е погодено, полиција водеше евиденција на починати, се носеа на збирно место. Тешко беше да се види дел од животот на луѓето во смисла наидувавме на спомени и сведоштва на нивните животи-наоѓавме медалји од спортски натпревари, фотографии, документи,клучеви, усб стикови и слично, раскажува Стојановски.
Населението студените февруарски ноќи ги поминувале во шатори, се палеле огани од шут од урнатините. Стојановски сведочел на разни начини на преживување.
-Ние сме од 2010 тимот, скоро 15 години заедно.На обуки сме биле во десетина земји во опкружувањето во овој дел од Европа, во различни форми и ситуациии. Но, овој земјотрес и последиците беа можност да покажеме што сме стекнале како обука и колку сме подготвени за справување со вакви ситуации. Секако големо значење има за секој што се нафаќа на ваква работа поддршката од семејството и од местото каде работаш. Јас сум како волонтер, со обврска да се јавувам на повик согласно можностите. Добив поддршка од работа и од дома и така заминав. Инаку, и мојот татко е спасител, па јас и од него сум почнал да учам за вакви искуства и имам стекнато да речам навика, објаснува Александар Стојановски-Цули.
До испраќање на екипа за помош при земјотреси доаѓа со одлука на Владата. Дирекцијата за заштита и спасување има рок за мобилизација од неколку часа. Се екипира тим со различни профили на луѓе-професионалци и волонтери. Тим лидерот го мобилизира тимот, а составен е од професионалци кои се обучени за справување со последици од природни непогоди, какви што имаат пожарникарите, рударски инженери кои знаат статика, стабилизација, специјалисти за спушање и качување во јами, извлекување мртви луѓе и слично.
До Адијаман во југоисточниот дел од Турција има околу 2000 километри. Градот според попис од 2021 има над 260 илјади жители.
Александар Самарџиев / МИА