Нова димензија во аферата „ Рекет“ во која главни актери се Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески, познат како Зоран „Кичеец“, поради што шефицата на СЈО Катица Јанева си поднесе неотповиклива оставка, а Јовановски и „Кичеец“ заработија експресен притвор од 30 дена.
Според веб платформата „Сведок“, аферата „Рекет“ добива нови, многу сериозни криминални димензии кои се однесуваат на скап имот на осомничениите во Империја кој завршил кај бизнис партнерот на „Кичеец“ и кај Трајче Заев.
„Сведок“ од извори во истрагата дознава дека ќе се испитува и рекет од Боки 13 платен за автомобилите и за јахтите на Камчев, Панделески и Кочан кои сега ги имаат бизнис партнерот на Зоран Кичеец, Владимир Стаиќ викан Роштиљ и во семејството Заеви.
Јавната обвинителка Вилма Русковска, според информациите на „Сведок“, сега се очекува да ги истражи информациите, како било направено тие да се префрлат на нови сопственици и тоа: Како јахтата на Дејан Панделески-Пелистерка, сега е сопственост на Владимир Стаиќ Роштиљ, која според информации на извори во истрагата, непречено плови по Јадранот.
Втората работа што ќе ја испитува истрагата е и информацијата, дали и како „Бентлито“ на Орце Камчев сега станало сопственост на Трајче Заев, близок роднина на премиерот Зоран Заев?
Русковска и обвинителството ќе мора да истражат и како „Бентлито“ на Сеат Кочан сега станало сопственост на Владимир Стаиќ Роштиљ? Ќе се истражува и како „Мерцедесот С 500“ на Орце Камчев станал сопственост на Владимир Стаиќ Роштиљ.