Во Средното училиште СУГС “Владо Тасевски„ беше поставена и пуштена во употреба фотоволтаична централа. Оваа образовна инститиуција е една од ретките во државата која вложува во ”Зелена енергија”.
Директорот на СУГС “Владо Тасевски”, Александар Сибиновски се одлучи за ваква инвестиција, бидејќи на овој начин ги следи европските и светските трендови во заштита на животната средина и заштедува пари за потрошувачката на електрична енергија.
При тоа, поставени се вкупно 54 фотоволтаични панели на кровна поовршина од 400 метри квадратни, а моќноста на централата е 15 киловати. Проекциите во однос на моќноста на централата се дека месечно ќе се произведува струја во вредност од 14.500 до 17.000 денари, кои истовремено претставуваат заштеда на сметките за електрична енергија.
Вкупната вредност на инвестицијата е 870.000 денари, кој ако се земе во предвид заштедата на електрична енергија истите се враќаат во рок од 5 години.
Сонцето е обновлив извор на енергија од кој се произведува електрична енергија и не ја загадува животната средина, а Македонија е на врвот на листата со најквалитетен пик на сончева енергија што достигнува од 1.380 до 1.520 киловат-часови на квадратен метар.
Со оглед на фактот дека сончева енергија во Македонија има доволно потребно е само да се инвестира во фотоволтаични централи, а бенефитот од зголемувањето на производството на струја од сонце ќе овозможи заштеда во буџетите на институциите и намалување на увозот на струја.
Фотоволтаичните централи се и одлична можност за учениците да се запознаат со начинот на функционирање на овој тип на системи како дел од наставата, да анализираат како генерираат електрична енергија од фотоволтаици и како ја алоцираат со минимални материјални трошоци.
Овој проект треба да биде пример и поттик и за другите училишта и образовни институции.