Судски совет ќе направи контрола во Струшкиот суд за да ги провери наводите на САД за Рамиз Мерко

Судскиот совет ќе формира комисија која во Основниот суд во Струга ќе направи контрола за да ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка Анџела Агелер, кои вчера соопштија дека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, е ставен на црната листа на личности на САД поради сомневања дека се мешал во судски постапки.

„Судскиот совет ќе ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка и ќе формира комисија, која заедно со координаторот за овој суд од редот на членовите, ќе направи посета на овој Суд, за да може на лице место да направи контрола“, вели портпаролката на Судски совет, Гордана Дувњак.

Таа информира дека во текот на минатата и оваа година имало 15 претставки од граѓани на Струга за работата на Струшкиот суд, додека Судскиот совет водел две постапки за судии од овој суд.

„Но, напоменувам дека во ниту еден случај не се доведуваат во врска со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, туку за конкретни предмети во кои се засегнати странките“, истакнува Дувњак.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно денеска изјави дека ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт. Во одговор на новинарско прашање, Ковачевски денеска од Виница упати критики до домашните истражни и правосудни органи што досега не успеале да дојдат до информации за струшкиот градоначалник.

Вицепремиерката Славица Грковска, пак, во реакцијата по повод случајот што ја објави на Фејсбук, порача дека пораките од меѓународните сојузници мора да бидат разбрани од домашните правосудни органи.

„Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда“, истакна Грковска.

Американската амбасадорка Агелер денеска потврди дека на црната листа, покрај Мерко, ќе се најдат и други лица. Таа не откри за кого се работи, но посочи дека се во процес на разгледување.

Извор: МИА

- Реклама -