Како основи за одредување на мерката што ја бараше Основното јавно обвинителство Скопје, од Судот ги наведуваат опасноста од бегство и повторување на делото
Осумдневен притвор им одреди судија на претходна постапка на тројца од четворицата осомничени за сквернавењето на македонското знаме, што се случи на синоќешната прослава на Денот на албанското знаме.
Тие попладнево беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, кој, како што соопштија оттаму, го прифатил предлогот на јавниот обвинител за одредување на мерката.
Како основи за одредување на притвор, од Судот ги наведуваат опасноста од бегство и повторување на делото.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерка притвор против три лица во скратена постапка, по произнесување на осомничените, кои доцна попладнево беа спроведени во судот, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на тројцата им определи 8-дневен притвор, заради опасност од бегство и повторување на делото. Приведените лица се сомничат за кривчното дело од член 319 став 1 од Кривичниот законик (КЗ), а поврзани со вчерашните настани во кои беа уништувани национални симболи и државното знаме“,
се вели во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.
Претходно попладнево, од републичкото Јавно обвинителство соопштија дека надлежното Основно јавно обвинителство Скопје повело постапка против четири лица, кои се осомничени за предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, според член 319 став 1 од Кривичниот законик.
За ова дело, според ставот 1 од наведениот член е предвидена затворска казна од една до пет години.
Од Обвинителството излегоа и со краток опис на дејствијата што ги сториле осомничените за време на настанот, кои ја разбравнува јавноста, но и политичките кругови во земјава.
„Осомничените на 28.11.2024 година околу 20:00 до 23:00 часот на булевар ‘Крсте Мисирков’ во Скопје, по завршување на манифестација на плоштадот ‘Скендербег’ по повод прослава на Денот на албанското знаме, со излагање на подбив на национални симболи, односно со палење, уништување и кинење на државното знаме, предизвикале омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. За полнолетните осомничени надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно денеска информира дека се уапсени осум лица кои учествувале во вчерашните инциденти кога по повод прославата на Денот на албанското знаме беше осквернавено македонското знаме. Тошковски рече дека четворица од нив се сомничат согласно член 319 од Кривичниот законик за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од минимум една година.
Тошковски нагласи дека сите се млади лица, а еден е малолетник. Еден од нив е фатен како го пали македонското знаме, а друг како го симнува знамето. Останатите четири лица кои се приведени се уапсени затоа што учествувале во тепачка.
Тој најави дека денеска и во наредните денови ќе има уште многу што ќе бидат повикани на разговори, а за кои постојат сомневања дека биле вклучени во овие дејствија.