Хрватскиот суд го ослободи 31-годишниот Дарко Ковачевиќ Даруварац, обвинет дека во Задар тешко претепал 18-годишна девојка. Одлуката судот ја темели на тоа што истекол законскиот рок кој законот го предвидува за тоа колку едно лице може да биде задржано во притвор.
На Даруварац му се одредени мерки на претпазливост – не смее да го напушти Задар и не смее да контактира со жртвата.
На ваквата одлука бурно реагирала мајката на жртвата – со плачење и викање, а потоа во судницата влетала и самата жртва, вриштејќи од бес и сакајќи да го нападне ослободениот Ковачевиќ.
Адвокатот на девојката вели дека таа сега целосно живее во страв. „Никакви мерки на претпазливост нема да помогнат. Тие (жртвата и блиските) очекуваат полициска заштита, а наместо тоа жртвата нон-стоп ја трауматизираат со тоа што ја повикуваат на суд. Што се однесува до ослободувањето на обвинетиот, тоа е сé по закон и судот не можеше поинаку“, вели тој.
Инаку насилникот и претходно ѝ се заканувал по живот на жртвата, а на кобната вечер во јуни во едно кафуле брутално ја претепал, буквално кршејќи го лавабото во тоалетот со нејзината глава.