Од судиска грешка до промена на правилата (видео)

Од судиска грешка до промена на правилата (видео)По неверојатната судиска грешка во полуфиналниот меч од ФА купот помеѓу Челзи и Тотенхем, ФИФА најпосле попушти пред разумните барања на навивачите, новинарите, играчите, менаџерите, вљубениците во фудбалот и буквално секој што не е поврзан со куќата на фудбалот, и ќе започне со тестирање технологија за асистирање на судиите.

{youtube}6USyWoGJ8OQ{/youtube}
Спорниот момент во фудбалскиот натпревар што се одигра викендов е всушност вториот гол на Челзи, со оглед на тоа што воопшто и нема гол. Топката доаѓа најблиску до 20 сантиметри до гол линијата, а помеѓу неа и голот има многу тела од фудбалери. Но, без разлика на тоа, судијата лежерно покажува на центарот, признавајќи гол. Оттука натаму, никој не може со сигурност да каже дали овој гол имал вистинско влијание врз крајниот исход на мечот, но едно е сигурно – неправдата е повеќе од очигледна.

Како што стојат правилата во овој миг, не постои никаков механизам таа неправда да се поправи – сè се базира на „судиското убедување“. Но, за среќа, се чини дека ФИФА веќе не можеше да го издржи притисокот од комплетната јавност и попушти (со задоцнување од една деценија) пред налетот на новата технологија. Во план е отпочнување на тест фаза за два вида технологија кои ќе послужат како асистенција за судиите, за одредување на позицијата на топката во секоја секунда од натпреварите.

Првата технологија е познатата HawkEye што сопственост на Сони и која одамна се користи во тенисот. Со помош на повеќе камери со голема прецизност, оваа технологија може точно да одреди дали топката поминала која било од линиите на теренот, до милиметар, секогаш кога ќе постои спорна ситуација. Другата технологија ни доаѓа од Данска и е наречена GoalRef. Оваа технологија се базира на магнетни полиња и, исто така, се одликува со максимална прецизност. Тестирањето ќе се одвива паралелно, а штом ќе заврши, победничката технологија ќе биде воведена како правило.

Ваквиот потег на ФИФА остава простор за оптимизам дека ќе се променат и дел од останатите неразумни, конзервативни ставови на луѓето што ги пишуваат правилата. На пример, можеби најпосле ќе се дозволи воведување преглед на спорните ситуации, како што тоа е случај со Американскиот фудбал, со што ќе се избегнат очигледните фаворизирања на одредени клубови и „судиските грешки“. Којзнае, можеби за неколку години, дури и Лигата на шампионите повторно ќе стане интересна за гледање и одново ќе биде фер натпреварување.

- Реклама -